Новости

Здрава исхрана

Дали црвеното вино е поздраво од белото?

Секогаш е вкусно, ароматично уживање, а посебно е обожавано за време на зимскиот период. Обично кога зборуваме за овој пијалак, прва асоцијација ни е користа за здравјето на срцето, секако кога се пие во умерени дози. За неговите здравствени придобивки изјавил и големиот хемичар и микробиолог Луј Пастер: „ Виното е најздравиот и хигиенски пијалак.“ А што мислите, дали црвеното вино е поздраво од белото?

Често кога одбираме вино се јавува дилема, бело или црвено. А бидејќи во последно време многу се пишува за здравствените придобивки од црвеното вино, решивме да поистражуваме на оваа тема и да видиме кое вино е подобро за здравјето.

Одлучивме да направиме споредба и да ги разгледаме клучните карактеристики на секое вино поодделно.

Од каде потекнува бојата на виното?

Црвеното вино се добива од цели зрна грозје со семето и лушпата. Тие ја добиваат нивната темна боја од ферментацијата на лушпата. Белото вино се прави од зрна грозје на кои им се отстранети лушпата односно семките, и ферментира за пократко време. Тоа е полесно и често има овошен вкус.

Некои црвени вина имаат поголема количина на танини, кои ги има во семките, лушпите и петелките на грозјето. Танините го даваат основниот горчлив вкус на виното и се поврзани со степенот на сувост. Преголема количина на танини сепак не е пожелна. Белото вино има малку или воопшто нема танини, но тие може да се создаваат по зреењето во дрвени бочви.

Виното е еден од најдобрите извори на антиоксиданси

Моќните антиоксиданси во црвеното вино може да превенираат срцеви заболувања, го зголемуваат нивото на добриот холестерол и ги штитат артериите од оштетувања. Всушност, станува збор за флавоноидите и ресвератролот (кој се наоѓа во црвената кора на грозјето и црвеното вино). Ресвератролот ги уништува оштетените клетки пред да предизвикаат посериозни заболувања, а согласно со истражувањето кое го реализирал Институтот Linus Pauling, откриено е дека „го инхибира растот на различни канцерогени клетки“.

Белото вино содржи многу помалку антиоксиданси како што се ресвератролот и флавоноидите во споредба со црвеното вино. Но, исто така како и црвеното, и за белото вино е утврдено дека има придобивки за превенција на срцето.

Ви се случило ли да пиете вино, а потоа да почувствувате главоболка?

Сте пиеле црвено вино и имате главоболка? Тоа може да се должи на хистаминот кој го има во поголема количина во црвеното вино. Затоа, секогаш кога пиете црвено вино до вас имајте чаша вода. Помала количина на хистамин има белото вино, а сепак таа е значајна затоа што му помага на организмот против инфекции.

Виното штити од кариес

Неодамна откривме уште една многу интересна придобивка. Па, напијте се чаша црвено вино против кариес на забите! Потврдено е со истражување дека црвеното вино ги штити забите. Истражувачите од Лавел Универзитетот и Павиа Универзитетот открија дека „црвеното вино превенира одредени бактерии кои предизвикуваат воспаленија во усната шуплина, да не се залепат на забите“ и „црвеното вино може да ги заштити непцата од болести.“ Повеќе на оваа тема прочитајте тука: пијте црвено вино против кариес.

За разлика од црвеното вино, се смета дека белото вино ги прави забите поподложни на дамки.

Виното и здравјето на белите дробови

Најверојатно и вие уживате во чаша бело вино во лето, а црвено вино преферирате во ладните месеци.  А штом станува збор за поврзаноста на виното и здравјето на белите дробови, треба да знаете дека придобивките се препишуваат на белото вино. За црвеното вино не постојат податоци дека го подобрува здравјето на белите дробови.

Во речиси секој режим на исхрана се препорачува вино, а еве зошто

За разлика од соковите кои содржат додадени шеќери и имаат поголем број на калории, виното е пијалак кој се препорачува во голем број на диети. Што се однесува до бројот на калории, и белото и црвеното вино содржат приближен број. Белото вино има нешто помалку калории и тоа 70 во 100 до 150 мл, а за црвеното вино бројот на калории изнесува 74 за истата количина.

Извор: sezahrana.mk

GOLD
To Top