Новости

Направи сам

Подготовки за Велигден: Вапцување јајца со восок

Иако оваа техника е толку многу стара, што е речиси и заборавена, сепак, ефектот од бојадисување на јајцата со восок е вистинско ремек-дело. Освен материјалите кои ви се неопходни, потребно е да знаете дека една од најважните работи за нивната реализација е и трпението и креативноста. Постапката на почетокот може да се чини невозможна, но со извесно вежбање на чекорите „перо-пламен на свеќа-восок“, раката се ослободува и станува едноставно.

Потребни состојки:

– јајца

– кесичка со боја

– лажичка сол

– вода

– чист восок

– свеќа

– перо

За отстранувањето на бојата и шарите од восок, потребни ви се вода, оцет, памучна крпа и жилет.

Подготовка:

Ставете сол во водата и оставете да врие. Кесичката со црвена боја растворете ја во малку топла вода и додадете ја во водата. Спуштете ги внимателно јајцата со лажица, и оставете ги да се варат 10-на минути, за да се бојадисаат. Извадете ги и оставете да се оладат, но не потполно, бидејќи полесно се шараат додека се топли.

На пламенот на свеќата потемнете го восокот целосно (кој потребно е да биде чист, пчелин восок). Ставете го на ноктот на палецот и оставете да се зацврсти. Со врвот на перото земајте малку од восокот, растопете го од пламенот на свеќата, и брзо започнете да шарате со него по јајцата. Внимавајте да не чекате премногу на свеќата бидејќи доколку се стопи целосно, ќе остане само металот на перото.

Бојадисаните и ишарани јајца ставете ги во пластичен сад со раствор од оцет и вода, и оставете ги да отстојат околу еден час. Потоа извадете ги и со памучна крпа избришете ја бојата. Откако ќе се извади бојата, јајцето останува бело или крем, какво што било и на почетокот, а на него остануваат само шарите од восок, и под нив бојата во која јајцето било бојадисано.

Истругајте го восокот со помош на жилет и за поголем сјај, премачкајте ги јајцата со влажна крпа. Ќе остане само бојата која се наоѓала под восокот на шарите.

Совет:

Обратен ефект се постигнува со менување на редоследот на постапките. Имено, прво ги шарате со восок, а потоа ги бојадисувате јајцата. Tака, единствено шарата под восокот останува небојадисана.

GOLD
To Top