Новости

Рецепти

Брускети кои најповеќе потсетуваат на италијанската кујна

Брускетите се омиленото предјадење штом станува збор за вистинските италијански гурмани. За денешното мени би ви ги предложиле овие крцкави и вкусни италијански неодоливи брускети. Во рецептот не кажуваме мерки, затоа што тоа зависи од вашиот вкус. Но, нели, што повеќе тоа поубаво.

Основната и базична состојка или зачин што потсеќа на италијанската кујна, е босилекот. Откако бев во земјата на уметноста, канцоните, убавите вина и превкусната храна, забележав дека дури и улиците на Рим ја имаа таа неизбежна миризба на босилек. Ок, можеби босилекот за нас е доста силен зачин доколку го има во поголеми количини, но верувајте тоа е само затоа што не е неизбежен составен детал за во нашата кујна. И сепак, мора да напоменам дека додека шетавме низ улиците на Рим беше лето и имаше 40 степени целзиусови, едно од најтоплите лета што Италија го помнни,(или можеби јас го помнам) па веројатно затоа интензитетот на босилекот се чувствуваше повеќе или можеби тој беше само некој мој филм.

Вечерта ја поминавме во викендица близу Терачина, неколку километри јужно од Рим, а таму нашиот готвач ни припреми одлични брускети.

Pinterest

Сечените лепчиња најпрво беа прелиени со маслиново масло и беа малку потпечени. Потоа, се сечеше моцарелата и се редеше над парчињата леб, а над нив малечки шери доматчиња скинати од градината. Се разбира, за сето тоа да изгледа онака баш италијански, беше неизбежен босилекот во голема количина и декорацијата беше дополнета со маслинки собрани од нивните дрва.

Pinterest

Има разни комбинации за брускети, па истите можете да ги направите комбинирајќи моцарела со оригано, или кашкавал со печурки. Се разбира она што најповеќе асоцира на оваа кујна е секако и пршутата која може да ја искомбинирате со пармезан. Можете да направите брускети со мед, ореви и моцарела. Изгледа необино, но навистина е вкусно. Сепак, треба да знаете дека нашето сирење го нема во Италија, па затоа доколку ја сакате нивната кујна, пожелно би било да ги набавите конкретните состојки кои се нејзин синоним.

Значи има разни варијации, комбинации и италијанската кујна дозволува човек да биде креативен, но сепак да го запази основниот код. А јас, јас сакав само да ви го доловам зачинот кој кога и да го мириснам, ме потсеќа на земјата на музиката, на шармот, на страста, театараот, земјата на најголемите уметнички имиња низ историјата и земјата на најголемите гурмани во светот. Ех, само да ги видите како јадат! Па тоа е лудило!

„Манџа, манџа, манџа!“

GOLD
To Top