Новости

Рецепти

5 одлични рецепти без масло за оние кои постат

Веќе започна Велигденскиот пост, најдолгиот од сите четири постa на православните христијани. Овој пост трае 48 денови и се смета за најстрогиот во годината. Во текот на овие 48 денови, храната се подготвува само на вода, без масти и масло. За време на викенди, дозволено е консумирање храна направена со масло. Доколку оваа година одлучивте да постите, имаме неколку одлични рецепти за вас.

1. Крем чорба од спанаќ

Потребни состојки:
  • 1 главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 3 компири
  • 400 грама спанаќ
  • 1 морков
  • 1 пашканат
  • Сол и бибер
  • Магдонос
Начин на подготовка:

Исчистете го зеленчукот и исечкајте го во големо тенџере. Додајте вода колку да го прекриете зеленчукот и гответе околу половина час. Потоа изблендирајте го сварениот зеленчук, додајте малку вода и зачинете.

2. Рижото со зеленчук

Потребни состојки:
  • 150 грама грашок
  • 150 грама моркови
  • 150 грама пченка
  • Околу 180 грама бел ориз
  • Сол и бибер
  • Свеж магдонос
  • Куркума (по желба)
Начин на подготовка:

Сварете го зеленчукот во малку вода, па кога ќе биде речиси готов додајте го добро измиениот ориз. Оставете да се вари 10-тина минути, а потоа тргнете го тенџерето од шпоретот. Додајте сол, бибер и свеж магдонос и добро промешајте. Доколку сакате, можете да додадете и куркума.

3. Шпагети во сос од домати

Потребни состојки:
  • Доматен сос (може и свеж домат)
  • 2 моркови
  • 1 главица кромид
  • 1 чешне лук
  • Сол и бибер
  • Оригано
  • 1 пакување тестенини
Начин на подготовка:

Во малку вода динстајте ги лукот, кромидот и морковот. Пред водата да почне да врие, додајте го доматниот сос и зачинете. Во посебно тенџере сварете ги шпагетите „ал денте“. Потоа исцедете ја водата, додајте го сосот и добро промешајте.

4. Грав со вода

Потребни состојки:
  • 1 главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 2 моркови
  • 2 пашканати
  • 300 грама бел грав
  • Сол и бибер
  • Ловоров лист
Начин на подготовка:

Потопете го гравот во вода, па оставете го на рингла да зоврие. Кога ќе зоврие, исцедете го и додајте нова чиста вода. Потоа додајте го исечканиот лук, морковот и пашканатот и гответе околу 1 час. Додајте зачини и тргнете го тенџерето од шпоретот.

5. Пита со ориз и праз

Потребни состојки:
  • 1 праз
  • 300 грама сварен ориз
  • Сол и бибер
  • Кисела вода
  • 1 пакување кори за пита
Начин на подготовка:

Исечкајте го празот и динстајте го на малку вода. Потоа додајте го сварениот ориз и зачинете.

Одвојте една кора, ставете неколку капки кисела вода, па над неа ставете уште една кора. Нанесете од смесата со ориз и праз, свиткајте ја кората и ставете ја во тава за печење. Откако ќе го направите истото со сите кори, прелијте ја питата со кисела вода и оставете ја да се пече 20-тина минути на 200 степени.

GOLD
To Top