Новости

Рецепти

Полнети крофни со чоколаден крем

Од кујната на Сѐ за храна  ни доаѓа уште еден интересен рецепт кој треба да побрзате да го направите.

Имаме нов, супер вкусен рецепт за полнети крофни со чоколаден крем. А она што е интересно е дека тестото се приготвува со пире од тиква и сок од јаболко, што ги прави овие крофни идеални за есенско – зимскиот период.

Совршено изгледаат нели? Веруваме дека ќе им се допаднат на сите, па моравме да го споделиме рецептот со вас. Истиот е испробан во кујната на Диана, што е мотив да се направи и дегустира. Пробајте и ги уживајте во есенските ноти дополнети со чоколаден крем.

Состојки:

3 чаши брашно + малку за формирање на крофните
1 ¼ мала лажичка сув квасец
¼ чаша кафеав шеќер
¾ чаша сок од јаболко
1 јајце
¼ мала лажичка сол
¼ чаша кисела павлака/ густо кисело млеко
прстофат сода бикарбона
2 лажици растопен путер или масло
½ чаша густо пире од тиква
1 ќесичка ванилин шеќер
1 мала лажичка цимет.

За фил:

24 мали лажички (околу 240 грама) чоколаден крем.

Дополнително:

масло за пржење
½ до 1 чаша шеќер во прав
1 мала лажичка ванилин шеќер или цимет.

Подготовка:

Во поголем сад се ставаат квасецот, кафеавиот шеќер и затоплениот сок од јаболко. Се мешаат и се остава квасецот да нарасне.
Потоа во садот се додаваат јајцето, солта, павлаката измешана со содата бикарбона, растопениот путер, циметот, ванилата, 2 – 2 ½ чаши брашно и се замесува тесто. Најдобро е да се користи кујнски миксер, но може и со раце да се измеси тестото. За време на месењето се додава преостанатото брашно за да се добие меко тесто.
Тестото се формира во топка и се остава на топло место да нарасне, додека двојно го зголеми волуменот за време од 1 до 1 ½ час.
Во меѓувреме се приготвува чоколадниот крем. Врз хартија за печење се става по 1 мала лажичка чоколаден крем од типот на Луна крем, Чокола, Алми, Нутела и слично. Може да користите бел и чоколаден крем. Хартијата со кремот се става во фрижидер за замрзнување, за да не истече кремот за време на пржењето.
Нараснатото тесто се дели на два дела. Од секој дел, врз набрашнета работна површина се сучи кора со дебелина од 4-5мм.
Врз првата кора, рамномерно се става замрзнатиот чоколаден крем. Од горе се покрива со втората исучена кора и нежно се притиска. Со набрашнет калап или чаша се сечат кружни форми околу чоколадниот полнеж.
Вака формираните крофни се пржат во врело масло за време од 2 до 3 минути од двете страни. Заруменетите крофни се вадат со перфорирана лажица и се ставаат врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
Додека се топли се валаат во шеќер во прав измешан со цимет или ванилин шеќер. Се сервираат веднаш. На здравје!

Извор: sezahrana.mk

GOLD
GoldSlot
To Top