Новости

Култура

МСУ со отворен повик до сите млади уметници за престојното 13. Биенале на млади уметници

Биеналето оваа година ќе се одржи од 5 мај до 1 септември 2020, во Музејот на современата уметност – Скопје.

Темата е /ˈwɒndəlʌst/страст за лутање.

Повикот е отворен до 20 март 2020 година, за македонски и странски автори.

Да се патува бесцелно од место до место. Кога ќе ја тргнеме настрана целта на патувањето, било заради туризам или работа, остануваме со чиста форма на движење, движење како основна функција на целиот живот и енергија.

Под притисокот на живеењето како фиксни субјекти на капитализмот принудени сме да произведеме вредност што може да се потроши. Да се троши енергијата бесцелно е да се живее во непочитување на овој системски погон, да не се следи кодот на логиката на капиталот. Така, желбата за лутање е реткост, таа е скудна во сегашната ситуација.

Креативното уметничко дело во својата природа не може да ја прифати ваквата ограниченост. Затоа што она што го цениме како уметност секогаш е чин што означува пауза, прекин и пукнатина во она што е веќе дадено во нашиот адаптиран сетилен систем. Во потрага сме по уметноста што не го репродуцира значењето на сегашноста. Ја сакаме уметноста којашто го навестува она што во сегашната состојба на знаење е неотповикливо.

Музејот на современа уметност во Скопје ги поканува младите уметници на движење без цел. Покануваме „скитници“ со надеж дека ова движење неочекувано ќе открие и ќе дојде до нови територии. Територии кон кои може колективно да се движиме и да пронајдеме некаква случка, новина.

Музејот на современата уметност – Скопје е отворен за апликации од млади уметници на возраст од 18 до 35 години во формати и на начини што овозможуваат исчезнување на целите. Така, главната тема на ова Биенале на млади уметници е немање цел за ништо конкретно во сегашната состојба на нештата во светот, туку желба сè да биде другаде. Сè што може да се случи таму. А, работите обично се случуваат кога се движиме. Без поставена цел, сè може да се случи.

Повикот е отворен до 20 март 2020 година, за македонски и странски автори.

Пријавите ќе може да се испраќаат во електронска форма на македонски и англиски јазик на маил адресата:

info@msu.mk

со назнака: Пријава за Биенале на млади уметници.

Апликацијата треба да содржи опис на делото, кратка биографија до 500 зборови, фотографии од делото со податоци за наслов, година, техника и димензии, како и листа на потребна опрема за техничка реализација и инструкции за инсталација на делото.

Авторите аплицираат со веќе продуцирани дела, а транспортните трошоци за странските уметници ги покрива Музејот на современа уметност – Скопје.

Авторите конкурираат со едно свое дело настанато во периодот од 2018 – 2021 година.

За резултатите од конкурсот уметниците ќе бидат известени до 1 април 2020.

Избраните автори се должни делата да ги достават опремени за излагање и означени со име, презиме, наслов година, техника и димензии.

Сите пријавени дела на биеналето ги селектира и оценува жири комисија.

Музејот го задржува правото да ги фотографира сите селектирани дела да ги објави во каталог и да ги користи за пропагандни цели.

Сакаме да ја поттикнеме желба за талкање низ простори внатре и надвор, за конкретно да ги прошириме просторите за лутање, простори што се (о)слобод(е)ни од доминантниот код со кој се фиксира и се имобилизира поединецот и колективот. Овие нови простори што се достапни без никаква цел, претставуваат отвори со потенцијал за новина во, и за, уметноста. Токму во тој краток спој меѓу новината и новиот простор којшто таа истовремено го пронаоѓа, /ˈwɒndəlʌst/ станува политичко движење.

Веќе една година живееме во состојба на домашност, на истост, на повторувања во чекање. За да се спротивставиме на оваа состојба, нашиот проект ја бара „болеста за другото“ како лек што може да се најде преку бесцелно лутање. Да се биде болен за другост е страшна потреба да се биде надвор од домот, како низ идеи, така и физички.

GOLD
To Top