Новости

Филм

Секогаш постои залетан куршум! – Осврт за „Кајмак“ на Милчо Манчевски

Осврт на: ЕЛЕНА ТРПКОВСКА НАУМОВСКИ

      … … …

Што сакаш да бидеш во животот?

Кајмак – Црна комедија или мрсна и безобразна сатира?

Филмот „Кајмак“ на светски познатиот, најтрофеен македонски сценарист и режисер Милчо Манчевски се претстави и пред битолската публика. Се чини дека овој филм на Манчевски оствари најдобар контакт со публиката која комуницираше и ја живееше неговата приказна.

Во место или презент каде умира љубовта и во „елегантно – мизерни услови“ претендира одново да се роди, Кајмак предизвика бура од емоции, прашања, насмевки од зад кои извираат и солзи.

Во поинаква форма, во круциалното место на (за жал) кревката и бедна реалност што ја живееме, „Кајмак“ се случува тука, во нашата земја или во нашето огледало? …И удобно ли ни е на тоа место гледајќи му в очи на анксиозноста, бескрупулозноста, интровертот во секој од нас кој секогаш стреми кон нешто повеќе, замислува соништа на кои на крај испаѓа дека треба да им ставиме граница.

Фотографија: Диоген Хаџи – Коста Милевски

Некаде помеѓу можноста и неможноста да се свестиме во кој „век“ живееме, Манчевски ја потенцира улогата на среќата во секојдневието на класните разлики во општеството кое го твориме, живееме или повеќето… Живуркаме. Во неговите филмови, повеќето со линеарна структура, сцените како да секогаш го следат апсурдот и агонијата што се повеќе трансцендира во разочарана емоција од малограѓанското. Манчевски јасно го има нагласено ова, токму онака како што треба, без никакво сценариско фолирање.

фотографија/Screen print /you tube

Во тие навидум скромни кадри и детали, се крие кодот на бруталното претставување без „влакна на јазикот“ на она што некои лажно го нарекуваат „се движиме напред“. Всушност токму почетокот ја создава таа слика. Богатата или хипстер соседка Ева, која на брилијантен начин ја долови актерката Камка Тоциновски, е успешна кариеристка без елементарна култура и никава емпатија.

фотографија/Screen print /you tube

Уште на почетокот го чувствуваме тој енормен притисок на моќта врз немоќта каде Ева фрла отпушок во дворот и трошната куќа на сиромашната жена Данче чиј лик прецизно го оживува Симона Спировска. Отпушокот како олицетворение на сметот кој го фрла над испраните алишта или… Мене лично тоа ми асоцираше на мигот каде колку и да ја ,,миеме” суровата емоција наметната од системот, а и од нас, таа секогаш останува валкана. Валкано останува тажното и уморно чувство кое го имаме дури одиме и заминуваме по истиот пат од работа. Не се мие лесно револтот поради непотребната гужва, неасвалтираните улици, брендираните автомобили кои парќираат и ,,газат” каде сакаат и кога сакаат. Не се мие лесно уморот и монотонијата од работите кои не ги сакаме, а ги работиме затоа што мораме. Не се чисти лесно лицемерието, лакомоста, грешките од младоста, каењето, беспредметноста и соништата што ги притискаме во нас и ни е страв да ги сонуваме. Лесно ли е да кажеме што сакаме во ова конзервативно општество, а пак до каде таа птица може да лета и во друго небо!?

фотографија/Screen print /you tube

Лажиме, крадеме животи, плаќаме и поткупуваме за да си ги исполниме апетитите. Во филмот го видовме и поентирањето кон тој штрас, шунд и кич кој ја игра улогата на дијамант. На градежната мафија што безмислосно изградува неплански, на натписите кои тажни зјапаат од излозите: „Се издава“, на корупцијата и бесчуствителната доминантност на моќните врз послабите.

фотографија – Screen print / you tube

Од селото во Големиот град? Или од руралното во урбаното? Ништо не е исто и се е лажно низ сценариски издржаната приказна кога фокусот се става над божемно скапиот материјал на архитектурата која се откорнува и се камуфлира. Би го споменала и кадарот каде вујкото или нашиот маестрален битолски актер Петар Мирчевски сака обична вода, а богатата внука, навидум софистицираната и елегантна Ева ја истура флашираната, туку – така лесно. Водата ни ја наплаќаат, воздухот ни го одземаат под маските што секогаш ги имаме. Мирчевски не носи до солзи и истовремено создава притисок кој го чувствуваме на филмското платно на Манчевски.

фотографија – Screen print/you tube

Ја прават ли парите среќата или што му треба без нив на човек, за да биде среќен? Капка од истурениот бренд – пијалок, топла бања, музика, голотија на умот? Шармот на ѓаволот е секогаш во двете страни, во двете класи, во нашиот ,,прекрасен ум”. И тука негде посакуваме желба низ пердувот кој лета, како симбол за некоја слобода. Ставаме огрлица, малку насмевка и флертуваме со нашата лага што кога тогаш излегува на виделина.

Овој филм има скриена порака. Овој филм го прават и ситниците кои доколку ги воочиме целото ќе стане се. Инаку голотијата ја има, но секогаш е во улога, па низ допирите, налудничавиот сексуален порив, низ оформените ,,тројки”, низ љубовта во триаголник и рамо до рамо со вулгарноста и валканите мисли, се доловуваат карактерите на она нешто што се нарекува:,,Што кога немаме граници? Каде после нив?” За сето тоа да финишира во куршум кој го убива егото, достоинството, двоумиците, каменот на Сизив кој упорно го тркаламе. За сето тоа да ескалира во една реченица на животот, тука, сфатен како жаргонски кажано ,,мајтап” : „Образот ќе му го закрпиме како гобленче” – вели ладнокрво ,,нашиот и ваш” доктор кој веројатно не си го допил кафето за да стигне на уште еден преглед.

фотографија: Диоген Хаџи – Коста Милевски

Целата актерска екипа брилираше низ совршено изградените карактери. Овациите не престануваат за траги комичниот лик на Александар Микиќ како Карамба како водечка улога или стожер на голем дел од дејствието, Филип Трајковиќ во улога на Методи, сопругот на Ева чии внатрешни двоумици и хаотичен „mindset“ долго ќе ги чувствуваме. Брилијантен беше и ликот на Сара Климоска која заслужува наклон до земја за улогата на Доста. Ана Стојановска како кокетната Виолетка, се вклопува во мозаикот на „Кајмак“ која со леснотија го доловува отскокот над бариерите во предрасудните табуа.

фотографија – Screen print/you tube

фотографија – Screen print/you tube

,,Кајмак” – Затоа што кајмакот е убав, сладок, вкусен е… Но, што кога никако не можеме да си го задоволиме апетитот и сакаме уште?!

Секогаш постои залетан куршум…

Фотографија на насловна: Диоген Хаџи – Коста Милевски

Евротип
SNBROKER
To Top