Новости

Филм

Промоција на филмот „Ќерки на прашината” на Џули Даш во Центар за култура Битола

По повод Месецот на црнечката историја во САД, во организација на Амбасадата на САД во Скопје и Филмската програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО во Битола ќе се одржи проекција на филмот “Ќерки на прашината” на Џули Даш (САД, 1991) на 27 февруари во малата сала на Центарот за култура Битола со почеток од 19 часот.

„Ремек-делото на Џули Даш од 1991 година e нејзиниот прв игран филм, како и првиот американски игран филм во режија на Афроамериканка што имал широка кино дистрибуција. Филмот го најавува нејзиниот огромен талент, а со импресивноста и сложеноста на својата формална конструкција и тема, моќно ја претставува посветеността на авторката кон филмот како уметност “, пишува Шенон Кели (Shannon Kelley) за Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA).

Визуелно фасцинантното импресионистичко дело на Џули Даш се случува на почетокот на минатиот век. Едно семејство од заедницата Гулах, потомци на поробени Африканци кои живеат на морските острови во Јужна Каролина и Џорџија – минува низ генерациски поделби.
Исклучително филмичната и длабински обмислена, лирска приказна на Џули Даш за семејната миграција не личи на ниту една друга, што авторката ја потврдува каконеверојатно оригинална уметничка.
Ова исторски значајно и наградувано дело, продолжува да инспирира – албумот Лимунада (Lemonade) на Бијонсе (Beyoncé) е омаж на „Ќерки на прашината”.

„Ќерки на прашината“ станува дел од Националниот филмски регистар на САД во 2004 година. Реставрираната дигитална верзија на филмот ја открива прекрасната визуелна палета: во 2016 година филмот е дигитално реставриран во 4K и повторно објавен на блуреј од новиот дистрибутер Коен филм (Cohen Film). Реставрацијата е направена во тесна соработка со Џули Даш и директорот за фотографија на филмот, светски познатиот визуелен уметник и режисер Артур Јафа (Arthur Jafa), кому „Ќерки на прашината“ му е прв проект што го снимил како директор на фотографија.

Биографија на Џули Даш
Џули Даш е американска режисерка и авторка, членка на групата Одметниците од Ел-Еј (L.A. Rebellion).
Родена е и порасната во Њујорк. Нејзиниот прв филм Илузии (1982) привлече големо внимание и имаше успех. Нејзините „Ќерки на прашината” (1991) пак се првиот долгометражен филм на Афроамериканка што имал широка кино дистрибуција во САД. Таа е продуцентка, сценаристка и режисерка на филмот.
Џули Даш е единствената Афроамериканка чиј игран филм е дел од Националниот филмски регистар на САД.

GOLD
To Top