Новости

Кино

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ со премиера во Прилеп

Домот на култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во сабота од 20.00 часот ќе биде домаќин на проекција за филмот на Теона Стругар Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ кој беше единствен наш претставник во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал.

Филмот доби две престижни награди на Ecumenical Award и Guild Film Prize. Првата награда, Ecumenical Award се доделува за да се оддаде почит кон оние уметнички дела што сведочат за моќта на филмот во откривањето на мистериозните длабочини на човекот. Guild Film Prize, пак, ја доделуваат членови на жири комисија кои се дел од Асоцијацијата на германската уметничка кинематографија AG Kino – Gilde e.V, а воедно се и менаџери на арт-кина.

Одличен одзив од публиката и критиката на годинашното Берлинале имаше и главната актерка Зорица Нушева. Во „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ се појавуваат и Стефан Вујисиќ, Петар Мирчевски, Симеон Мони Дамевски.

,,Јас лично сакам многу работи да кажам и верувам во слоевитоста на вистината. Приказната е едноставна и поради тоа мислам дека е поприемчива во споредба со моите претходни остварувања. Но, да кажам вака: учам со секој нов филм и се радувам на секој нов предизвик,,-, вели Теона.

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ имаше вкупно 8 проекции на Берлинале.

GOLD
To Top