Новости

Кино

Филмот Бикини Мун на Милчо Манчевски од утре во Битола

Од утре 4 април во 3Д Кино Битола ќе почне да се прикажува најновиот филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“. Потоа, најновиот филм на нашиот режисер ќе се прикажува и во другите градови низ републиката.

„Бикини Мун“ е американски филм на Манчевски, сниман на локации во Њујорк. Приказната – психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана.

Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија.

Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите негови досегашни филмски проекти. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот, е композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска.

Филмот ја имаше македонската премиера во Скопје пред десетина дена и наиде на исклучително позитивен прием – беше поздравен со френетичен аплауз, а социјалните мрежи не престануваат да зборуваат за Бикини Мун.

Критиката во САД, Бразил, Португалија, Бугарија, Србија и Македонија го нарекува филмот: „Брилијантен авторски филм“, „Фасцинатна приказна“, „Целосно свежо и оригинално дело на маестрален режисер“, „Милчо, провокативен како и секогаш, го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество“, „Филмот на Милчо Манчевски прашува колку е јавноста манипулирана од медиумите“, „Жестока глума на Кондола Рашад“, „Повеќеслоен лажен документарец кој ги истакнува мааните на либерализмот на милениумската генерација“, „ Бескомпромисното критички настроено авторство.“, „Потсетник за благородноста што уметноста може да ја досегне“, „Ова е филмот кој „Обликот на водата“ сакаше да биде, ама не знаеше како“.

Бикини Мун ја имаше светската премиера во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Сан Хозе, Калифорнија (Синеквест), Белград и Софија. Следува Истанбул, каде проекциите се веќе распродадени, па Франкфурт, Нешвил, Менхетен…

Филмот и понатаму е на репертоарот на кино Милениум во Скопје.

GOLD
To Top