Новости

Книга

Поетесата Даниела Андоновска Трајковска наградена на „Караманови средби 2018“

Даниела Андоновска Трајковска беше дел од 45. „Караманови средби 2018“ во Радовиш каде беше наградена за стихозбирка во потесен избор.

Овие средби се одржуваат во чест на Ацо Караманов кој херојски загина на 9 октомври 1944 година на само 17 години, борејќи се за слободата на Македонија. Тој е првиот модерен македонски поет, кој особено во македонската модерна поезија ги внесува импресионизмот и експресионизмот.

Инаку Даниела Андоновска-Трајковска е поетеса, есеист, литературен критичар, промотор и универзитетски професор од Битола.

Работи како универзитетски професор на Педагошкиот факултет – Битола на група предмети од областа Методика. Коосновач е на Универзитетскиот литературен клуб Дениција ПФБТ УКЛО, а иницијатор е и за создавањето на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик на Педагошкиот факултет – Битола каде зема активно учество. Член е на Македонското научно друштво (МНД) – Битола и претседател на Уредувачкиот совет на МНД. Член е и на Друштвото на писатели на Македонија и на Битолскиот книжевен круг. Уредник е на списанието „Современи дијалози“ (во издаваштво на МНД), главен уредник на списанието „Раст“ (во издаваштво на Битолскиот книжевен круг), на циклусот поетски збирки со наслов „Збор во зборот“ (изд. Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола) и на неколку монографии.

Освен стручни и научни трудови објавени во референтни научни публикации во земјата и во странство(околу 70), меѓу кои и списанија со импакт фактор во базата Web of Science, пишува поезија, кратки раскази, рецензии и литературни осврти. Застапена е во домашни и странски литературни списанија и публикации, а учествува и на домашни и на странски литературни манифестации. Учествува во двогодишен проект за превод на влијателната книга во областа Методологија на истражување со наслов „Методи на општественото истражување“ од Ален Брајман, Oxford University Press од англиски на македонски јазик (во издание на УКЛО, 2015). Добитник е на посебно признание на XVII Nosside World Poetry Prize во Италија за поезија поради што е застапена во светската антологија на поезијата Носиде (2011) и на „Празник на липите 2018“ во организација на ДПМ. Уредник и автор е на стручната публикација Водство во образованието, а автор е и на прирачникот за организирање на обуки за водство во образованието во издаваштво на Филозофскиот факултет-Скопје и Школата за менаџмент во образованието – Амстердам, Холандија (коавтор: Сузана Миовска Спасева).
Ги има објавено следниве поетски книги:
• „Збор за зборот“ (во коавторство со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, изд. Матица македонска, Скопје, 2014),
• „Поема за маргините“ (во коавторство со Гордана Стојаноска, изд. Македонско научно друштво, Битола, 2015),
• „Црна точка“ (изд. Битолски книжевен круг, Битола, 2017).,
• „Стапалки“ (изд. Македонско научно друштво, Битола, 2017)

GOLD
To Top