Новости

Книга

Промовирана книгата „Заедно да растеме“ од младиот автор Филип Димкоски

Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ Битола, преку иновативните проекти, секоја година настојува да ги следи современите трендови и текови на развој на библиотечната дејност и библиотеките како установи од поширок општествен интерес.
Со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, оваа година се реализира проекот „Сликовница за секое дете“ ( поезија за деца).
Проектот има за цел да ја сензибилизира пошироката јавност за еднаков третман и пристап на лицата со оштетен слух, говор и вид до јавните интитуции и јавните добра.

Во рамки на проектот се обработи книгата “Заедно да растеме“ од младиот автор Филип Димкоски.
Промоцијата се одржа денес во просториите на библиотеката.


Книгата е обработена во on line двд формат, чија содржина е веќе достапна на web страната на Библиотеката www.nuub.mk.
Мултимедијалното цд е одлична можност и за љубителите на книгата кои имаат проблем со видот, читањето им претставува напор, кои од различни причини не се во можност да читаат ( им се тресат рацете, подобро се чувстуваат слушајќи книги, подобро се концентрираат и помнат слушајки книга итн)
Гости на промоцијата беа ученици од ОУ „Кирил и Методиј“ и ОУ “Гоце Делчев“– Битола, додека поезија читаа учениците од ОУ “Даме Груев“ – Битола.

Целта на проектот е да се поттикнат и мотивираат младите литературни творци да пишуваат, да го промовираат и афирмираат своето креативно творештво, за прв пат да се објави со што ќе им се даде можност да се претстават пред пошироката јавност. Во поттекст на проектот е заложбата за силна и директна стимулација на творештвото на младите автори од нашата земја.
„Заедно да растеме“ од младиот поет Филип Димкоски е уште еден зрел и сочен плод во кошницата со плодови кои и припаѓаат на литературата за деца. Да се пишува за деца на момент изгледа како многу лесна работа, но во никој случај не е така, зашто да се пишува за деца значи да се разбуди детето во себе. Да се пишува за деца значи и тоа истото дете да се праша за што сонува, за што мечтае, што го мачи и што треба да научи. Да твориш за деца значи и самиот ти да си дете и самиот ти да си сите деца во светот. Димкоски тоа многу вешто го прави.
Детето во Димкоски расте низ триесет и осум песнички чија должина во никој случај нема да ги измори младите читатели, тие ќе уживаат во римите кои се испреплетуваат како венче од планински цвеќиња низ песните. И она што е најбитно , со песните од Димкоски детето интелектуално расте и созрева, учи зошто треба да е среќно, како изгледа љубовта во секоја нејзина форма- онаа меѓучовечката и онаа која го означува односот човек-природа.

Во вториот дел од книгата „ЗАПОЗНАЈ МЕ, ЗАСАКАЈ МЕ И ЈАДИ МЕ“ се дружиме со овошките, учиме како се одгледуваат и од каде потекнуваат, кој најмногу ги сака и колку тие се здрави. Читајќи ја „Заедно да растеме“ особено голем впечаток оставаат и илустрациите кои даваат шаренило и игривост низ книгата. Децата ќе им се воодушевуваат, а нас повозрасните , ликовите нацртани низ книгата ќе не потсетат на нацртаните ликови на Зоки Поки и на малото девојче од „Касни-порасни“, па така во нашата фантазија ќе ги споиме за да другаруваат сите и за од нив да научиме. Вештината во составувањето на стиховите, опевањето на овошките, начинот на кој Димкоски го прави тоа , несомнено ќе не потсети на Андреевски и на „Касни-порасни“. И Димкоски и Адреевски не учат како да го сакаме овошјето и дека ако каснеме од секое по малце ние сите ќе пораснеме.

Оваа поетска книга на Димкоски , е еден зрел и сочен плод во кошницата на литературата за деца од кој ќе се насладуваме уште долго , долго и заедно ќе растеме!
Димковски е апсолвент на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Автор е на стихозбирките „Најхранливи зборови од дестак душа радови“, „Божилак на исконот“, „Во градината има само љубов“, „Заедно да растеме“ (илустратор: Александра Ацеска) и „Еко дете-чувари на природата“ (илустратор: Јасмина Главинче).
Пишува поезија за возрасни и поезија за деца, како и кратки прозни форми. Поезијата му е препеана на англиски, италијански, руски, српски, хрватски, бугарски, германски, грчки и ромски јазик, а дел од прозното творештво му е преведено на хебрејски јазик. Добитник е на неколку награди и признанија.

GOLD
GoldSlot
To Top