Новости

Книга

Промоција на двојазичната поетска збирка „Архаични чувства“ на поетот Ибраим Џемаил

Во НУУБ „Св.Климент Охридски“ Битола  на 1.09.2018 год.(сабота) во 12 часот ќе се одржи промоција на најновата стихозбирка на поетот Ибраим Џемаил насловена „Архаични чувства“.

Книгата поезија содржи модерни песни создадени на ромски, а препеани на македонски јазик.

Промотор на поетското остварување на поетот Џемаил е проф.д-р Христо Петрески, директор на Книгоиздателство ФЕНИКС, а стихови на ромски и македонски јазик ќе интерпретираат актерот Роберт Велјановски и поетесата Севдија Д. Абдулова. Стиховите ќе бидат проследени со музичкиот настап на Драган Јовановиќ.

Поетот Ибраим Џемаил е еден од основоположниците на современата ромска книжевност. Роден е 1954 година во Скопје каде се школувал, а потоа животниот пат го однесе во Германија каде живее и твори. Во 1980 година во Скопје ја издава својата прва книга поезија насловена „Ноќен Скарабеј“. Има учествувано на голем број книжевни манифестации како во земјава така и надвор од неа. Член е на друштвото на писатели на Северна Рајна Вестфалиа.

Ибраим е поклоник и љубител на убавиот пишан збор, а поезијата ја чувствува како средство со кое што човекот се осмислува себе си и светот. Стихозбирката содржи 20 песни на ромски и исто толку препеани песни на македонски јазик и во нив поетот пее за љубовта и социјалната положба на Ромите, го осветлува животот, ги разбранува сите видови на емоции кои човекот може да ги почувствува кога е допрен од зборот кој честопати е поостар од меч и посладок од мед.

Наскоро поетот Ибраим најавува и двојазична( англиско-ромска) верзија на ова негово најново поетско остварување.

GOLD
To Top