Новости

Книга

Промоција на книгата „Јас Пинк Пантер – исповест“ од Оливера Ќирковиќ, некогашната лидерка на светски препознатливата криминална група

“Ги опишав само делата на кои паднав. Не може да се опишуваат сите дела кои ги направив и тоа транспарентно бидејќи јас повторно би се вратила во затвор“, кажа на промоцијата на својата книга „Јас Пинк Пантер – исповест“ во книжарницата “Икона“ во Скопје, Оливера Ќирковиќ, некогашната лидерка на светски препознатливата криминална група позната по ограбување на јувелирници низ целиот свет.

Нејзината книга, како што признава и самата, е животна приказна, но со елементи на најдобрите акциони филмови и трилери и длабоки психолошки драми.

Исповедта на една од најдобрите српски репрезентативки во кошарка која навлегла во светот на криминалот е всушност драматична приказна за храброста и стравот, моралот и неморалот, верувањето на младешкиот ум склон на утопија, како и за дното во кое лесно се паѓа и во кое длабоко се потонува.

Нејзината исповед е всушност контроверзен спој на исклучително успешна спортистка (беше водечка кошаркарка на Црвена ѕвезда, Панатинаикос и Панкрати) и криминалка која во затвор поминала речиси 8 години. Но и современа активистка која се залага за човекови и социјални права, самоука, талентирана сликарка која директорот на атинскиот затвор Елеонас Тива, во кој ‘робијаше’ и го наслика, денес ја повикува да се врати како надворешен соработник и со своите слики да ги украсува мрачните ѕидови и да ја разубави реалноста зад решетките.

Своите дела авторката ги брани со аргументите: Подобро е да се биде чесен ограбувач отколку нечесен лекар, политичар, спортски работник.

Промоцијата на нејзината книга се одржа пред неколку дена во новоотворената книжарница „Икона“ во Скопје и предизвика огромен интерес кај македонските читатели.

Извор

GOLD
To Top