Новости

Книга

Даниела Андоновска-Трајковска добитник на наградата Македонска книжевна авангарда за поетската книга „Куќа на контрасти“

Меѓу годинашни добитници на наградата Македонска книжевна авангарда што се доделува од Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје е и Даниела Андоновска-Трајковска од Битола.

Наградата се доделува за иновативна, експериментална и креативна, односно најдобра книга објавена во 2019 и 2020 година.

Даниела Андоновска-Трајковска е наградена за поетската книга „Куќа на контрасти“. Станува збор за женско писмо со многу семантика, мудрости и значења. Нејзините песни се нетипични и некласични. Авторката експериментира со формите, но и содржините на песните. Нејзината поезија изобилува со слики, симболи и метафори. Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е поет, прозаист, научник, уредник на списанија, книжевен критичар, промотор на книжевни дела, доктор на науки и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Акредитиран ментор е на докторски студии со објавени над 100 научни трудови во референтни меѓународни публикации, учесник во значајни меѓународни образовни и научни проекти и национален обучувач за наставници. Таа е коосновач е на Универзитетскиот литературен клуб Дениција ПФБТ УКЛО, а иницијатор е и за создавањето на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик на Педагошкиот факултет – Битола каде активно работи и на проекти од областа на книжевноста. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и на Битолскиот книжевен круг (БКК), на повеќе меѓународни професионални тела и уредувачки одбори на списанија и конференции, член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Сега е дел од управниот одбор на Друштвото како претставник од одделението за лингвистика и литература. Главен уредник е на списанието „Раст“ (БКК), уредник е и на списанијата „Современи дијалози“ (МНД) и „Книжевни елементи“. Има објавено 8 поетски книги: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, 2015), „Црна точка“ (2017), „Стапалки“ (2017), „Три“ (2019), „Куќа на контрасти“ (2019), „Електронска крв“ (2019) и „Математичка поезија“ (2020), една збирка раскази „Кафе, чај и црвено небо“ (2019), две меѓународни публикации за водачи во образованието (2013) и еден универзитетски учебник „Критичка писменост“ (2019). Преведена е на повеќе светски јазици (српски, босански, хрватски, албански, бугарски, англиски, кинески, арапски, виетнамски, италијански, романски, украински, полски, узбекистански и турски). Застапена е во повеќе книжевни списанија и антологии, а е добитник на неколку книжевни награди (Носиде, Италија (2011), Празник на липите (2018), „Крсте Чачански“ за проза (2019) и Караманов за поетската книга „Електронска крв“ (2019).
Даниела Андоновска-Трајковска, Митко Гогов и Габриела Стојаноска-Станоеска добитници на наградата „Македонска книжевна авангарда“ | opserver.mk

GOLD
To Top