Новости

Книга

Онлајн издание на „Средби под јаворите – Видое Подгорец“

Во чест на големиот македонски писател и поет за деца и млади Видое Подгoрец, веќе 19 години во Струмица и неговото родно село Колешино, се одржува литературната манифестација „Средби под јаворите – Видое Подгорец“ .
Годинава, за првпат, програмата на оваа престижна книжевна манифестација се реализира на далечина, или како што популарно се вели онлајн, на фб страницата „Средби под јаворите – Видое Подгорец“ .
Ако ја отворите оваа страница, ќе забележите, дека организаторите, објавиле четири конкурси:
– Меѓународен поетски конкурс ГОРКОТО КЛАДЕНЧЕ РАСКАЖУВА, за ученици од второ до девeтто оделение;
– Меѓународен поетски конкурс ЖАБА СПИКЕР, за ученици од шестто до деветто оделение;
– Конкурс за наставници од основното образование за изработка на мултимедијален ИКТ проект под наслов НАШИОТ КНИЖЕВЕН АЛБУМ СО ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ и
– Конкурс за доделување на национално признание
БИБЛИОТЕКАР НА ГОДИНАТА – ПАВЛИНА ЦУНЕВА МАКАЗЛИЕВА.
И во услови на глобална пандемија, организаторите не се откажаа од својата визија, да го популаризираат ликот и делото на големиот Видое Подгорец, да го доближат творештвото за деца до неговите читатели, да го стимулираат детското творештво, да креираат нови предизвици, да бидат мотивација и инспирација за наставниците, учениците и библиотекарите, да ги поттикнат да создаваат трајни вредности инспирирани од творештвото на својот патрон.
И во вонредни услови, повикот, предизвикот да се биде креативен, да се биде инспиративен и иновативен , да се твори, да се разбуди поетот во срцата и на големите и на малите, беше прифатен од настаниците и учениците од целиот регион.
Пристигнаа бројни поетски творби, мултимедијални ИКТ пректи, но и апликации од истакнати и афирмирани библиотекари, кои секојдневно вложуваат во развивањето на љубовта кон книгата кај најмладата читателска публика.
Стручните жири – комисии имаа навистина многу работа, но и тешка задача да ги одберат најдобрите меѓу најдобрите. И токму поради високиот квалитет на пристигнатите творби, оваа година најдобрите го поделија првото, второто или третото место. Бројот на пофалените е значително поголем од претходните години, а изборот на библиотекарот на годината, беше особена чест и задоволство, затоа што пристигнаа вонредно богати апликации, достојни за секоја почит и високо признание за вложениот труд, иновативност и креативност во библиотечната и информатичката дејност.
Оваа година, за прв пат, сите гости на манифестацијата „гостуваат“ на далечина. Реномирани поети и писатели од Македонија и регионот се гости по пат на снимен видео материјал, покрај кој е поставена нивната богата биграфија. Секој посетител на фб страницата на Манифестацијата, има можност да се „запознае“ со писателите за деца и млади, со нивното творештвото, но и да го слушне нивните лични искуства со писателот Видое Подгорец, како негови современици или читатели. Секој што ќе ја отвори оваа фб страница, има можност непосредно да се запознае и со дел од творештвото на Подгорец, преку внимателно одбрани литературни прилози од неговото творештво, поткрепени со преубави илустрации, кои едноставно ве нурнуваат во богатиот и сликовет свет на писателот, на поетот кој беше вљубен во природата, во човекот и човечноста, во чистотата и безусловната љубов на детското срце и неговиот волшебен, а сепак реален свет.
Посетата на фб страницата на литературната манифестација „Средби под јаворите – Видое Подгорец“ ќе ви открие нови светови, ќе ве „прошета“ низ времето, но и ќе ве запознаее и со овогодинешните победници – ученици и наставници, кои исто така се претставуваат себеси преку кратки видео пораки.
На 8.6.2020 година, во чест на роденденот на големиот пријател на децата, патронот на оваа манифестација – Видое Подгорец, ќе биде промовирана и химната на манифестацијата, по стиховите на неговата најпозната песна УБАВИ ЗБОРОВИ со цел да се испрати силна порака до целиот свет, до целиот универзум, во еден глас од сите деца на светот – СÈ ШТО Е НАСИЛНО, СВИРЕПО И ГРУБО – НЕКА ГО НОСИ ИМЕТО ЉУБОВ!
Посетете ја страницата, дајте им поддрашка на организаторите и нивните соработници, кои со многу љубов, во време на глобална изолација, имаат за цел да порачат дека светот е убав, полн со надеж, вера и љубов!
Дајте поддршка на литературата за деца, на детското творештво, на ентузијазмот на наставниците, библиотекарите и учениците кои го прифатија овој предизвик и покажаа дека и во вонредни услови може да се биде вонредно креативен, иновативен и инспиративен за себе и за другите.
Дајте поддршка на убаво пишаниот збор, на љубовта кон книгата и читањето, на љубовта кон создавањето на трајни вредности, нека делото на Видое Подгорец биде патоказ во творештвото за деца на младите поети и писатели кои своето перо го посветуваат на најмалите и најважните – децата.

GOLD
To Top