Новости

Книга

Прва збирка поезија на Оливера Петрова-Јовановска, битолчанка која живее во Мелбурн

Во издание на МЛД „Григор Прличев“ од Сиднеј, излезе од печат првата збирка поезија под наслов „Неостварена љубов“ од Оливера Петрова-Јовановска која содржи 46 песни. Оваа книга ќе може да се најде и во книжарниците на Литература.мк во Битола и Скопје.

 

Оливера Петрова-Јовановска е родена во Битола на 21 Јули 1970 година. Од 1986 година живее во Мелбурн, Австралија.

Пројавува љубов кон пишаниот збор уште од најмладите години и на единаесет годишна возраст ја објави првата лична творба во „Битолски весник“, а потоа незините творби се се објавуваат во разни детски списанија. Истовремено јавно настапувала со свои творби на различни приредби.

Поразговаравме со неа за нејзината прва книга поезија, за љубовта кој поезијата, инспирацијата и нејзините идни планови.

 

„Талентот ми е откриен од наставничката по македонски јазик, Благородна Стојановска, која веруваше дека имам талент за пишување поезија и проза. Во поезијата ги користам сите форми на римувани стихови. Но највеќе употребувам паралелна и вкрстена рима. Мојата инспирација е – Љубов, секоја една љубов, кон природата, кон семејството, кон Бога, љубов кон неостварени нешта. Затоа и оваа прва испечатена збирка се вика „Неостварена Љубов“. Планирам за кратко време до нова година да излезе и втората книга проза, како роман биографија, а исто ми е спремна и третата книга со поезија со околу 50 нови песни“, вели Оливера.

Оливера пред завршувањето на средното образование се иселува во Австралија каде работи во администрација и се здобива со диплома за бизнис менаџмент. Таа е сопруга на познатиот интерпретатор и музичар Љупчо Јовановски – Бубе и е мајка на четири деца. Некои од нејзините објавените песни се интерпретирани од познати македонски интерпретатори, таа е текстописец на голем број фолк-хитови.

Во својата рецензија на „Неостварена љубов“, Александар Донски насловена „Моќни пораки низ сихови“, пишува дека збирката содржи песни во кои се третирани неколку мотиви.

„Еден од нив е носталгијата кон родниот крај со акцент на локал-патриотизмот (Битола е една, Пусти да се долари, Судбина клета и други). Овде носталгијата е артикулирана низ директен лирски говор, искрено и отворено.
Мотив во песните на Оливера е и приврзаноста кон семејството (Внучиња мили, Деца мои), која е опеана како неприкосновена, безвременска и која продолжува дури и по заминувањето од овој свет.
Моралните вредности се исто така тема во стиховите на Оливера. Овде би ја издвоиле првата песна Исповед пред Бога, во која се бара прошка од Господ за гревовите кои, патем, секој од нас ги има, но највозвишени се оние кои тоа го признаваат, иако во голем број случаи нивните гревови не се ништо во однос на гревовите од вистинските грешници…
Доминантен мотив во збирката „Неостварена љубов“ е и љубовта и тоа не која било љубов, туку онаа невозвратената, која впрочем е артикулирана и во самиот наслов на збирката. Низ песните на Оливера како да провејува тажна сторија, како да е раскажан невидлив, но прилично јасно препознатлив, љубовен роман за невозвратена љубов. Во стиховите се опеани сите позначајни можни причини и секвенци поврзани со феноменот на невозвратената љубов, кои авторката луцидно ги детектира и пластично ги елаборира.
Од технички аспект Оливера умешно се користи со римата, која е во служба на создавањето емоции, кои пак се движечката сила во пренесувањето на нејзините пораки од стиховите“, пишува Донски.

Вредна збирка поезија од авторката Оливера Петрова-Јовановска, збирка во која преку моќни пораки низ стиховите, ни ги соопштува сопствените длабоки согледувања и сознанија на мотивите што ги третира.

GOLD
To Top