Новости

Настани

Во Битола промовирана книгата „Лобирање во културата-Конзулската дипломатија во Битола“

Ребрендирањето на конзулската традиција во Битола започнува на 25 октомври 1995 година кога битолчанката Калиопа Кривашија Стилиновиќ е избрана за почесен конзул на Република Франција, но и прв почесен конзул во овој град. Токму овој момент заедно со лобирањето во културата и примената на јавна и културна дипломатија од страна на битолските конзули е опфатено во книгата „Лобирање во културата-Конзулската дипломатија во Битола“ на професор доктор Марјан Танушевски, еден од пионерите на лобирањето во Македонија. Промотори на книгата беа професор д-р Нано Ружин и францускиот конзул во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ.

-Содржи сет на добро смислени прашања, успеа да не натера да се обединиме во нашата различност, и секој пред  читателите да ја донесе приказната за сопственото делување, рече Калиопа Кривашија Стилиновиќ.

Промоторите истакнаа дека се работи за оригинална книга, која нема само оригинален пристап, туку и самата обработка на податоците е посебна.

-Зборуваме за градот на конзулите, градот на браќата Манаки, за градот кој дал многу творештва. Токму овие почесни конзули, прават и ќе прават уште.  Мислам дека листата на конзули се уште не е завршена, рече промоторот, Нано Ружин.

Оваа книга, која е 10-та по ред за Танушевски, ќе служи во промотивно-афирмативните активности на општина Битола.

-Низ истражувањето добив впечаток дека нивниот придонес е поврзан со културата, образованието, науката. Мојот мотив е битолските конзули сепак да го зголемат својот опфат, директно да придонесат во својот град, истакна авторот Танушевски.

Во Битола во моментов има девет активни почесни конзулати, три конзулати се во мирување, а во функција се Генералниот конзулат на Бугарија и Канцеларијата за врски на Грција.

GOLD
To Top