Новости

Настани

Започна 9. Меѓународно графичко триенале во Битола

Со учество од над 800 автори од 167 земји од светот, започна деветтото Меѓународно графичко триенале во Битола. Графиките се изложени во Малата сала на Завод и Музеј Битола. Оваа година настапува со еден нов концепт во светски размери, а тоа е подигање на гласот против елитизмот и површноста, но и откривање на оние непознати и анонимни автори.

– Имаме од неколку држави кои моментално крварат, имаме од Сирија со такви потресни дела, а никогаш не можат на некоја графичка манифестација. Имаме од непознати земји, Нарум, на интернет се обидов да побарам податоци, првиот податок беше графичко триенале Битола. Таа држава на некој начин добива идентитет преку оваа антологија, на искреното, духовното. Тоа беше главната водителка во овие две и пол години интензивно да биде поставено триеналето на сосема други основи од оние кои се веќе клише во светот, истакна Владо Ѓоревски, раководител на проектот и графички уметник.

Изложбата, заради недоволниот простор ќе биде претставена во неколку фази. Првата е посветена на македонското, италијанското и бугарското творештво, а беше презентирана во Италија каде предизвика голем интерес.

-Ова е првата фаза, во најголем дел тука се македонските автори кои кон крајот на 2017 беа претставени во прекрасен замок во Италија, предизвика огромен интерес, особено за македонското творештво, истата изложба беше пренесена и во уште неколку италијански градови, издадоа прекрасен каталог, на некој начин ни го враќаат оптимизмот за она што се случува овде. Тој оптимизам доаѓа од надвор кај нас.

Графичкото триенале е манифестација од клучно значење за Завод и музеј Битола.

-Особено значајно е што станува збор за светско графично триенале во кое земаат учество најдобрите светски графичари, кое што е со веќе изградено реноме и статс во светската графика, и мислам дека е навистина задоволство нашата институција да биде домаќин, благодарност на Министерство за култура која финансиски ја поддржува манифестацијата, рече Мери Стојанова, директор.

Манифестацијата е наречена како една од ретките надежи во сѐ посуровиот и покорумпиран свет.

 

GOLD
To Top