Новости

Настани

Започнува 54. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Со доделување на наградите за животно дело, со концерт на Влатко Стефановски и со првата од осумте претстави во конкуренцијата за наградите „Макбет“ на МНТ вечер во Прилеп започнува 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Осумте претстави на македонските професионални театри во конкуренцијата за најдоброто театарско остварување, богатата придружна програма и новините ќе го одбележат годинашново издание на најзначајниот македонски театарски фестивал кој ја прикажува едногодишната продукција на театрите во земјава што од денеска, 7 па до 15 јуни ќе се одржува во Прилеп.

Годинашни добитници на наградите за животно дело на кои вечер, при свеченото отворање, наградите ќе им бидат врачени на големата сцена во Домот на културата „Марко Цепенков“ се режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку. Големиот музичар Влатко Стефановски ќе приреди концерт со театарска музика а МНТ од Скопје ќе ја одигра првата од осумте претстави во конкуренцијата за наградите – „Макбет“ според Вилијам шекспир во режија на Нела Витошевиќ.

По претставата публиката ќе може да ја даде својата оцена зашто годинава за првпат ќе се додели наградата за најдобра претстава од  публиката. Тоа ќе биде мермерна статуетка со ликот на патронот – Војдан Чернодрински што ќе ја додели општината.

На задната страна од влезниците ќе може да заокружат оцена од 1 до 5 за секоја одиграна претстава. Во конкуренцијата за наградите се и претставите:  „Бакхи-краток преглед на распадот“ во режија на Вук Торбица  на битолскиот театар, „Физика на тагата“ во режија на Милош Андоновски на кумановскиот театар, „Животинска фарма“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на струмичкиот, „Смртта на Дантон“ во режија на Дино Мустафиќ на Албански театар, претставата „Пиреј“ во режија на Ѓорѓиевски на прилепскиот театар, „На отворено“ во режија на Андреј Цветановски на Театар Комедија и претставата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ на Драмски театар од Скопје.

Фестивалот ќе понуди придружни театарски претстави,  промоција на театарска литература, изложби, трибина на тема „Ова е наше време, време за театар“ што е и мотото на годинашново Фестивалско издание.

В сабота, на 15 јуни, ќе бидат прогласени најдобрите татарски остварувања, а на затворањето на Фестивалот, во чест на наградените ќе се одигра „Силјан Штркот шанца“ од Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јанаќијевиќ во продукција на МНТ од Скопје. 

GOLD
To Top