Новости

Настани

Изложба во Битола – 30 години творештво на Љубе Бобек Неделковски

На 29 октомври (понеделник) 2018 година, во Младински културен центар – Битола, со почеток во 19.00 часот, ќе се отвори изложбата “30 години творештво на Љубе Бобек Неделковски”.

Критички осврт на творештвото на Г-дин Неделковски ќе даде м-р Макриевска Оливера, историчар на уметноста, советник конзерватор во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола.

Извадок од критичкиот осврт за творештвото на Неделковски:

„Ретроспективна изложба на Љубе Неделоквски – Бобек од 1986 – 2018, на изложбата ќе биде изложен дел од неговиот 30 годишен творечки опус на дела: икони на ќерамида, слики на платно во маслена техника од голем формат и минијатури со препознатлива иконографија на жанрот кој што го негува- пејсажи, мртва природа, портрети и др.

Изложените дела се резултат и приказ на неговата еволуција и созревање како човек и како творец, на неговата истрајност и работливост, приказ на неговите техничко-технолошки способности и достигнувања и приказ на неговите емоции, сензибилитет и доживувања поставени со цртеж и боја врз неговите дела.

Неговиот стилски развој започнувајќи од субјективниот реализам со тек на времето станува се поблизок до експресионизмот и enformel-от визуелно е стимулиран и поврзан со родното опкружување и неговите промени. Неговите дела се субјективни, спонтани, динамични, насликани со локални, живи, топли, понекогаш виолентни бои како негов одговор, реакција на објективниот реализам. Кај неговите пејсажи е одразен неговиот интерес и разбирање на „говорот на боите“ создавајќи чувство кај восприемачот на идилична, идеализирана или конфликтна хармонија.

Неговите дела оставаат печат на ова време, како човек творец, сликар, уметник, хронолог и документатор кој со својот труд и љубопитност се обидел да се разбере себеси и светот што го опкружува и тоа несебично да ни го пренесе во своите слики…“

Изложбата е во рамките на Културната агенда на МКЦ – Битола.

GOLD
To Top