Новости

Настани

Утре изложба на слики „Емоции – допир со природата“ од Александра Богоеска во Прилеп

Во петок 5 јули 2019 во 20.00 ч. во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на слики „Емоции – допир со природата“ од Александра Богоеска. (5.7. до 18.7.2019).

Ќе бидат изложени 16 дела.

Податоци за Богоеска: 

Александра Богоеска е родена на 14.05.1985 година во Прилеп. Дипломирала на ФЛУ Скопје оддел скулптура, конзервација и реставрација. Има реализирано групни изложби во Македонија и во странство. Има учествувано на голем број колонии низ земјата и во Србија. Изработува скулптури, мозаици, слики.

Живее и работи во Прилеп.

ИЗЛОЖБА НА АЛЕКСАНДРА БОГОЕСКА

ЕМОЦИИ- ДОПИР СО ПРИРОДАТА

Симболот според сопствената природа е жив и динамичен носител на свесноста. Во ликовното творештво, уметникот често го користи симболот за изразување на апстрактните појави и чувства. Поради моќноста за негово јасно изразување на содржината и способноста за распространување, пренесување и визуелно апсорбирање, односно впивање, симболот стекнува способност и улога на медиум меѓу рационалното и ирационалното, кој во себе ја содржи суштината, идејата, вистината и искуството, надминувајќи го пишаниот збор. Со сопствената внатрешна развиена интуиција уметникот ги пронаоѓа и открива скриените значења и ги преведува сопствените сознанија во облици и форми кој секој може да ги препознае. Во суштина, симболот во себе содржи

духовен живот кој ја издига свесноста и разумноста на човекот, воведувајќи промена во неговата суштенствена и егзистенцијална стварност.

Истражувајќи и создавајќи творештво во различни и нови техники, академскиот скулптор Александра Богоеска храбро и сигурно исчекорува во сферата на ликовната уметност. Плодниот творечки опус од скулптури и мозаици, уметникот го надополнил со уметнички сликарски платна.

Во ликовниот израз на Богоеска се проткајува симболизмот. Посебноста во творештвото на уметникот се согледува во умешноста на пренесувањето на интимните индивидуални, емотивни и психофизички состојби преку различен симболичен јазик. Фигурата во творештвото на Богоеска е најчесто робустна и монументална, додека пак бојата е лирична и експресионистичка. Преку поставувањето на симболите во самата композиција, како што се: јаболкото, лотусот, волкот, пеперутката, цветниот венец уметникот успеал да го доближи и да го соочи набљудувачот со надреалистичната фантастичната, имагинарната и ирационалната страна на човековата свесност. Самите симболи го поттикнуваат разумот да ги одгатнува скриените суштествени пораки, додека пак колоритот со сопствената топлина дава чувство на пријатност, кое го поттикнува, понесува и вовлекува љубопитниот набљудувач во различни мистични витли и јами во сферата на имагинацијата и фантазијата.

Главен лик-фигура која се проткајува и е присутна во творештвото на Богоевска претставува женскиот акт и портрет. Поради моќноста и силата на емотивната страна на жената, како и нејзината силна развиена интуитивност, сетилност и рационалност, уметникот одлучува портретот и актот на женското тело да биде главен адут, најсилно средство преку кои ќе ја ирази сопствената креативна способност и карактеристиките на сликарството, преку богатата и раскошна палета на бои и линијата.

GOLD
To Top