Новости

Настани

Утре изложба на слики од м-р Марија Светиева во Прилеп

Во петок 12.04.2019 во 20.30 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на слики од м-р Марија Светиева.

За изложбата: 

„Изгрејсонца на животот“ текст од Виолета Калиќ

Во континуитетот на опусот на м-р Марија Светиева,како во еден здив допираме еден воспеан,магичен и осознаен сон,кој на моменти се преточува во јаве,кое не плени и опчинува,давајки му на животот изблик на нескротлива радост. Делата се восхитувачко ведри, полетни со волшебна енергија на сугестивно, заводливо, вечно пролетно, со аура на магичен реализам, поместувајки ги границите меѓу јавето и сонот, соединувајќи ги световите на стварното и нестварното, на реалното и надреалното.

Дијалогот помеѓу протагонистите е преточен во танц, лет, прегратка, треперење на крилјата, сплотеност во занес, или миг на резигнација. Затечени како самоникнати, или колажно аплицирани, како вткаени, во контрапункт на силуети, концизно сугерирани или стилизирани, потонати во сенка или со акценти на звучно сконцентриран колоритен набој, лебдеат некаде во некој затечен сон, или нерасонет магичен свет. Тоа е свет на една кротка, но звучна хармонија, со ништо не нарушена, која кореспондира во сите сегменти на езотерична флуидност со меките текстури и пастелни пигменти, кои вибрантно пулсираат со животворна енергија.

Додека симболите ја потенцираат, ја преобликуваат и пресоздаваат постојано структурата на пленерот, отргнати или затечени среде сништата низ тоа амебоидно, флуидно преобликување на колажни инсерции, атмосферата трепери,

подблеснува со секој сегмент, во секој пасаж одделно, како сугестивен изблик со колоритната свежина во која се преточуваат есенцијалните сокови на животот. Акордите на восхит од ведрината на боите, на ритамот, на динамиката на пасажното преобликување со пигментите на еден широк, звучен регистар кој плени, прозвучуваат магично, орфејски, воспејувајќи ја химната на вечната пролет на животот. Се слави зартувањето и секогаш новото раѓање создавајќи сугестивно експресивна, френкфентна, моќна текстура во сета своја спонтана даденост. Поетиката на исказот е сугерирана и со насловеноста на секое дело одделно, со суптилноста на метафорите кои ја демистифицираат фабулата и будат непресушна љубопитност во осознавањето. Во копнежот на танцот, Шепотењето на планините, Звуците на тишината, Во танцот на изгрејсонцето, се само некои од поетично насловените дела, воспеани во игроказот на волшебници, шумски вили, митски птици, флореални винети и арабески меѓу силуетите. Понесени од поетиката на сонот и здивот на животот,се вивнуваат кон бескрајот на неомеѓени пространства на јавето и сонот.Допирајки ги тие волшебни созвучја, кои треперат како струни, во својата полихроматска волшебност, ја откриваме поетиката на ведрината и вечниот зрак на оптимизам на уметницата која го вдахнува и побудува. Го препознава во човекот, во птиците, во природата, во светот околу нас, насекаде-зачнувајќи со восхит и со восклик, зартувајки секогаш еден нов никулец на еден преполн со свежина животворен импулс на еден секогаш нов зачеток, ново пресоздавање кое буди секогаш нова надеж и расонува секогаш нов хоризонт кој трпери и подблеснува од секолика светлина и верба во свет на вечно овенчана љубов и восхит кон радоста на живеењето и сепостоењето.

GOLD
To Top