Новости

Настани

ФОТО: Несекојдневен мултимедијален концерт во Прилеп – „Сонувања за заборавеното“

Во претесната сала на киното Мис Стон во Прилеп беше изведен навистина несекојдневен мултимедијален концертен перформанс насловен „Сонувања за заборавеното“.

Публиката во Прилеп имаше ретка можност да присуствува на одличен музички настан кој беше базиран врз комбинација на повеќе музички стилови, во кои доминираше изведба на класичната западноевропска музика од 17 и 18 век, кон која како контрапункт беа вклучени нејзините источни паралели.

Идејата на проектот беше да се направи споредба на музичкото творештво на нашите простори со она во западноевропските центри и на сето тоа да му се даде поширока рамка поврзувајќи ги музичките и историските збиднувања.

Низ динамичната и експресивна изведба на сопранот Ана Митоска Стојаноска, зачинета со нарацијата на актерот и режисер Димитар Ѓорѓиевски, за прв пат на македонска почва беа изведени дела од Франческа Качини, Доменико Скарлати, Барбара Строци, Георг Ф. Хендл, но и византиски и народни изворни песни како Море два се змеја и Домаќине гости ти дојдоа. Во проектот свој белег оставија и Верица Шотаровска – пијано, Катерина Попоска – мецосопран, Гоце Секулоски – труба и вокал, Денис Најдоски – пијано и вокал, Антониј Колевски – вокал и Милан Секулоски – актер.

Публиката беше воодушевена од настапот, а носителот на проектот Ана Митоска Стојаноска најави можност за гостување низ другите градови во Македонија, со цел и пошироката македонска јавност да може да ужива во овој уметнички перформанс.

За време на целиот настап, сликаше уметничката Бојана Артиновска – Трпческа, а техничката и визуелна реализација беше дело на Томе Темелкоски и Саша Нацевски.

GOLD
GoldSlot
To Top