Новости

Настани

Фестивал на малата школа за краток филм во Битола

Центарот за култура во Битола од утре ќе биде домаќин на првото издание на Фестивалот на малата школа за краток филм, за време на кој се организирани проекции на краткометражни филмови наменети за млада публика.

Првото издание на фестивалот во Битола, всушност е продолжување на шеснаесеттото издание на Фестивалот на малата школа на краткиот филм на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси-Франција, кој покрај организирање на фестивалот, особено има искуство во воспитувањето преку филмот.

-Првата цел на оваа акција во Битола е да се открие филмската уметност воопшто, ова преку краткометражниот филм од европско и француската продукција. Втората цел е да се развие посебен поглед на начинот на читањето и гледањето на филмската слика. После секоја проекција е предвидена размена на мислења со младите гледачи, на кои сакаме да им дадеме неколку клучеви за подобро читање на сликата и со тоа на филмот и да ги наведеме да го изразат нивното чувство. Односно што чувствуваат и како го разбираат филмот, вели Бландин Брунхес-Гламчевски, директорка на Меѓународниот филмски фестивал до Нанси и задолжена за воспитување преку филмот.

Воспитно-образовната екипа на филмскиот фестивал од Нанси, кој годинава одбележа 25 години од своето постоење, од кои 16 години со искуство во воспитувањето преку филмот, се погрижи да ја изработи програмата на кратките филмови од француска и европска продукција, за кои ова ќе биде македонска премиера.

Фестивалот започнува утре со проекција во училиштето Славко Лумбарковски во С. Гермијан, а потоа со проекции во Центарот за култура -Битола, завршувајќи со проекција во училиштето Коле Канински во село Буково. Организаторите на фестивалот: Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, Центарот за култура Битола и Француската алијанса од Битола, одлучија сите проекции да бидат бесплатни, и посебно Семејната проекција за деца на возраст од 6-11 години во среда 23 октомври во 18 часот во Големата сала на Центарот за култура Битола, на која се поканети и повозрасни гледачи, со цел да ги отвори младите кон филмската уметност. Проекциите во селата исто така се дел од политиката на Малата школа на краткиот филм за отворањето на филмската уметност кон публиката оддалечена од културата.

Првото издание на Фестивалот на Малата школа на краткиот филм во Битола е финансиски поддржано од француски Епинал збратимениот град на Битола, Францускиот институт Скопје, Француската алијанса Битола, Центарот за Култура Битола и асоцијацијата АЅ АЈ ВО-Меѓународен филмски фестивал од Нанси-Фрација

GOLD
To Top