Новости

Настани

Проекции на филмови и концерт со филмска музика во Битола по повод 30 години независност

Од денес, во Битола започнува тридневната проекција на македонски филмови – дел од културната манифестација именувана како „ФИЛМСКА КУЛТУРА“ организирана по повод одбележувањето на 30 години од осамостојувањето на Македонија. Филмските проекции – дел од овој настан ќе се одржат на отворено, на просторот пред „Центар за култура“ Битола. Настанот ќе трае сè до 22. август (недела), а влезот за проекциите е бесплатен.

Во рамки на програмата предвидени се проекции на краткометражните филмови: „Љубовникот“ (2018), „Види ја ти неа“ (2017), „Црвената соба“ (2016); долгометражните филмови: „Три дена во септември“ (2015), „Хомо“ (2021) и документарните филмови: „Камена градина“ (2018) и „Кобра“ (2018). Денес и во недела (22.08.2021), програмата започнува од 20.30 часот, додека во сабота (21.08.2021) е со почеток од 20 часот. Дополнително, предвиден е и концерт, насловен „Филмот може да се слуша“, кој посетителите ќе може да го проследат во сабота, со почеток од 21 часот на Широк Сокак (пред влезот на маркет “Веро“).

Манифестација „Филмска култура“ има за цел отсликување на филмската култура во Македонија од осамостојувањето до денес, односно патот до европски успех, oд „Тетовирање“ (1991) до “Хомо“ (2021). Македонската независна филмска индустрија од година во година бележи развој и повеќе постигнувања. Во овој контекст, минатата 2020 година македонските филмови имаат 222 учества на меѓународни фестивали и освоиле 59 награди. Иако само дел, овие статистики се показател на посветеноста и професионалноста на нашите независни продукции, потенцијалот на филмските екипи, креативноста на авторите, како и актерскиот капацитет и сите оние кои придонесуваат за да се произведе едно филмско дело. Во оваа насока, поддршката од Агенцијата за филм и буџетот на РСМ кон оваа дејност е значајна инвестиција во севкупниот културолошки и политички напредок на државата, која е исплатлива во долгорочна смисла и континуирано создавање на културното наследство за идните генерации.

“Филмската дејност кај нас низ годините претрпе многу технички, креативни и естетски промени. Денес, на пример, големо е задоволството што, во филмот, сè повеќе својот авторски печат го градат жени режисерки и продуцентки. Со ова се нивелира доминантноста на мажите во филмската индустрија од минатото, што е особено значајно за градење на рамноправноста и демократскиот Европски дух на нашата земја, истовремено давајќи нов сензибилитет на филмската уметност”, изјавија Организаторите на настанот.

Културната манифестација “Филмска Култура“ е во организација на “Црна Мачка Продукција“ и е поддржана од Владата на Македонија. Сите активности предвидени во рамки на манифестацијата ќе бидат организирани согласно сите пропишани протоколи за заштита на јавното здравје од Ковид-19.

Евротип
SNBROKER
To Top