Новости

Настани

Промоција на „Монографијата МИЗАР – откровенија“ во дворот на МКЦ – Тошо Филиповски со прва македонска монографија за култниот бенд

Пред два дена во дворот на МКЦ,  се случи промоцијата на првата македонска монографија која сведочи за искуствата, музиката, тврештвото, етно-даркерскиот мистицизам и уникатноста на култниот Мизар. По повод одбележувањето на 40 годишното постоење на Мизар кое се случи минатата година, музичкиот критичар, хроничар, колекционер и легенда, Тошо Филиповски го создаде ова книжево дело. Истото низ 333 страници зборува за сеќавањата на членовите на бендот, за нивните искуства, големиот број на необјавени фотографии до сега, настапите, концертите, новинарите и рок критичарите кои своевремно го опкружуваа бендот. Меѓу другото, Филиповки на омотот на книгата создаде и „фамилијарно“ стебло кое ги претставува сите постави на бендот и над 50 членови кои продефилирале низ него.

Многу јавни личности, музичари од битолските бендови и вљубеници на музиката на маестралниот бенд беа присутни на промоција на монографијата и за време на повеќечасовната дружба беа преслушани повеќето песни на Мизар, кои ги пушташе Александар Гулевски, човекот кој на многу начини е поврзан со овој бенд и има едно од пиедесталните места во оваа приказна.

Тошо сподели многу интересни детали и за бендот и за тоа како течел целиот процес на истражување. Зборувајќи за почетоците и за тоа какво влијание врз него изврши бендот во неговата младост, Филиповски не воодушеви со носталгичните мигови кои некако успешно и возбудливо ги инфилтрира во презентот.

Авторот, за разлика од повеќето монографии кои се создаваат на идеја на поединци, групи или заедници, кои за таа цел ги даваат потребните материјали и пари за хонорар и печатење, чувствувал лична и општествена потреба, приказната за Мизар која трае 40 години да биде собрана во една книга, а тоа несомнено го остварил со посветено истражување.

Промотор на книгата беше Љубица Ангелкова, која покрај голем број сет на теми кои ги отвори со цел да го претстави ова капитално дело, значајно и за македонската музика, но и за идентитетот и културата на Македонија, го запраша Тошо околу првиот неофицијален менаџер на Мизар, Димитар Николов Таки.

„Димитар Николов Таки, беше нивниот прв неофицијален менаџер. Со него ние како Битола сме многу поврзани… Таки прерано не напушти, но трагите од тоа време остануваат. Вечерва во публика е неговата сопруга, актерката Кристина Христова Николова, неговиот син и ќерка….” – рече Тошо и додаде: „Таки во Мизар виде потенцијал уште кога тие беа демо-бенд и никој не се занимаваше со нив.“

Тошо, ја раскажа и средбата со Таки, потенцирајќи ја благодарнсота и конекциите кои тој ги создаде за бендот во Словенија и Хрватска, каде всушност им се отвара големата врата за понатамошното градење на кариера за бендот. Акцентот, меѓу останантото, се даде и на фактот дека Мизар извршил влијание и врз нашата земја, врз Македонија, затоа што истиот се појавува во едно комплицирано време во осумдесетите години, кога се случуваат политички поместувања во тогашна Југославија, кога се случуваат промени врз кои влијание имаат и десетина тогашни рок состави почнувајќи од првите панк групи. Мизар, е единствен оригинален бенд што доаѓаше од Македонија кој не може да се дефинира класично: ниту во панкот ниту во новиот бран, но дејствува паралелно со нив и врши силно влијание. Влијание кое се чувствува и денес.

 

…И по завршувањето на промоцијата, присутните останаа да зборуваат со авторот за МИЗАР, за таа музичка приказна која не ги копираше западните бендови од ист музички правец и успеа на единствен начин да ги спои класичниот готик рок со македонската музичка традиција, влијанието на византиската музика и православното црквено пеење, нешто што и тогаш и денес воодушевува.

фотограф: Диоген Хаџи Коста Милевски

Евротип
SNBROKER
To Top