Новости

Настани

Промоција на поетската книга „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска

Утре, 15 јули, на Педагошкиот факултет во Битола, со почеток од 10;30 часот ќе се одржи на поетската книга „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска. Промоцијата „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска е во издание на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје. Книгата ја доби наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга во 2020 година. На промоцијата ќе говорат проф. д-р Мишел Павловски, проф. д-р Гордана Стојаноска и Весна Мундишевска-Велјановска

Во образложението за наградата „Стале Попов“ за „Математичка поезија“ се вели:
„Лирските мотиви во книгата се остварени низ една повеќеслојна поетска структура со математички признаци кои ја раскажуваат бескрајната приказна на човекот. Даниела Андоновска-Трајковска со вешт и едноставен поетски јазик анимира геометриски форми за да ги прикаже човечките слабости и доблести, т.е дека денес се живее само на една права и дека најчесто луѓето денес се темиња на триаголник кој цел живот се обидува да си ја задржи формата, дека времето е круг, а луѓето заточеници на своите остри агли, но таа ни ја предочува и нашата вистинска природа и ни ја покажува и линијата на животот и сфаќаме дека сме отсечки кои се продолжуваат на двата краја, дека рамнокракиот триаголник станува дом, а цел живот градиме прави агли по кои тече нашето време…“
Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е поет, прозаист, уредник на списанија, книжевен критичар, промотор на книжевни дела, доктор на науки и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Битолскиот книжевен круг (БКК), на Македонското научно друштво (МНД) – Битола . Главен уредник е на списанијата „Раст“ (БКК) и „Современи дијалози“ (МНД). Ги има објавено поетските книги: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, 2015), „Црна точка“ (2017), „Стапалки“ (2017), „Три“ (2019), „Куќа на контрасти“ (2019), „Електронска крв“ (2019), „Математичка поезија“ (2020), збирката раскази „Кафе, чај и црвено небо“ (2019), една коавторска песнарка за деца, две меѓународни публикации за водачи во образованието (2013) и еден универзитетски учебник „Критичка писменост“ (2019). Преведена е на повеќе светски јазици и добитник на неколку книжевни награди (Носиде, Италија (2011), Празник на липите (2018), „Крсте Чачански“ за проза (2019), Караманов (2019), „Ацо Шопов“ за поезија (2020).

Евротип
Евротип
To Top