Новости

Театар

Битолскиот театар со нова премиера – Јулие Цезар (res publica или cosa nostra)

„Јулие Цезар (res publica или cosa nostra)“ од Вилијам Шекспир е новата премиерна претстава на Народен театар Битола која ќе биде изведена на 28 април, сабота во 20 часот. Ова е првата претстава за 2018-та година, а токму оваа сезона Народниот театар Битола ќе има и посебно мото „Ако ви е добро, тогаш ништо!“

Битолскиот театар отсекогаш негувал посебна естетика, смелост и дрскост да се фати во „костец“ со најголемите театарски имиња во регионот. Скоро сите значајни режисери во Македонија влегле токму преку вратата на НУ Народен Театар Битола, вели директорот на Народен театар Битола, Иван Јерчиќ.

„Во годината во која длабоко навлеговме, во Народниот тетар Битола треба да режираат едни од најзначајните режисери на денешницата од регионот и пошироко. Не очекува возбудлива театарска година во која ќе се занимаваме со општествено или ако сакате дури и политички ангажиран театар, кој се надеваме дека ќе биде жив, полетен, потентен, бескомпромисен. Театарот не треба да биде место само за евтина граѓанска забава, „комфорт зона“ во која публиката ќе се чувствува „удобно“ во меките седишта на салонот, туку место во кое ќе се преиспитува животот. Од таму и идејата оваа сезона 2018 да ја реализираме под мотото „Ако ви е добро, тогаш ништо!“Мотото е превземено и со дозвола на оние кои прв пат го употребиле, а ние ќе го користиме во три последователни претстави во продукција на нашиот театар“, рече Јерчиќ.

На денешната прес-конференција присуствуваше и режисерот на претставата, Златко Паковиќ кој е истакнат режисер на Балканот, познат по обработката на социјално-ангажирани теми. Тој истакна дека имал целосна слобода во подготовката на претставата и токму затоа целосно се вложил себеси во театарскиот проект.

Паковиќ за претставата вели:

„Републиката може да биде, а најчесто и е, празен назив за држава во која граѓаните немаат моќ за одлучување и раководење, во која, со еден збор, нема демократија. Меѓутоа, тоа што тие што управуваат во една република не се раководат според начелата на републиката не е толку трагично колку тоа во неа да не се знае што значат тие начела и што е идеалот на рес публика. Секоја диктатурам секое самовластие, токму од стварноста што ја создава и ја присвојува, прави слика, селфи на остварениот идеал, во кој сите мора да веруваат, иако и самите се надеваат на некаква приватна добивка. Оваа претстава ги следи сите Шекспирови крвави прашања кои извираат од ова начелно прашање: „Дали тиранијата да ја убиеш на време, уште кога е во лушпа или подоцна таа да те убие тебе?““

„Повеќе од 2.500 години театарот има задача да поставува неочекувани прашања и затоа е кралица на уметноста. Во оваа претстава Јулие Цезар е чесен и храбар, но во овој случај и да се постави како човек над законот. Јулие Цезар смета дека ако е над законот ќе го зачува законот и дека ако биде император тогаш секому ќе биде добро. Мајсторството на Шекспир отвора многу прашања кои и денес се актуелни, рече Паковиќ.

Инаку во претставата главната улога на Јулие Цезар ја има актерката Соња Михајлова. Претставата е за лица над 16 години.

Режија и сценска адаптација:Златко Паковиќ Сценограф: Филип Јовановски Костимограф: Благој Мицевски Композитор : Оливер Јосифовски Драматург: Билјана Крајчевска Превод: Драги Михајловски Улоги: Јулие Цезар-Соња Михајлова Марко Антоние-Иван Јерчиќ Цицерон-Петар Горко Марко Брут-Борче Ѓаковски Касие-Никола Пројчевски Каска-Мартин Мирчевски Цина-Александар Стефановски Артемидор-Елена Моше Цина поетот-Кристина Христова Николова Калпурнија, жената на Цезар-Маја Андоновска Илијевски Порција,жената на Брут-Викторија Степановска Јанкуловска Менча Крничева-Валентина Грамосли Мара Бунева-Илина Чоревска Девицата-Сандра Грибовска Испициент: Мирослав-Мирко Лазаревски Светло мајстор: Игор Мицевски и Илија Димовски Тон мајстор: Николче Терзиевски Видео проекција: Матеј Шундовски Специјални ефекти и маска: Сашо Мартиновски Перикер: Дилбера Атанасова Скулптор: Андреј Митевски Реквизита: Александар Сотировски Фотограф: Александар Буневски Дизајн на плакат: Филип Јовановски

Погледнете ја фотогалеријата од пробата на претставата:

GOLD
To Top