Новости

Театар

Голем интерес за детските театарски претстави на „Бабец театар“ на Бит фест

„Патувањето на еден облак“ и „Приказна за тркалото“ се двете театарски претстави на Бабец театар, кои публиката, во рамките на Битолското културно лето,  ќе има  можност да ги гледа денес и утре.

Денес, 06.08.2018 со почеток од 20:00 часот на Нова сцена во НУ Центар за култура, ќе се одигра претставата „Патувањето на еден облак“, чиј автор е Роберто Фрабети (Италија), уметничкото оформување е на Јулијана Мирчевска, а играат: Соња Ошавкова и Веда Мавровска

„Како потврда на сериозноста и нашата посветеност кон театарот за деца, со гордост Ви ја најавуваме најновата соработка на Бабец театар со италијанскиот автор Роберто Фрабети за претставата „Патувањето на еден облак“. Оваа претстава станува дел од нашиот проект „Театар од пелени“. Авторот Роберто Фрабети уште во далечната 1976 години го создава својот театар “La Baracca” во Болоња, Италија а неколку години подоцна го започнува проектот „Театар за деца од најмала возраст“. Напишал 58 драмски текстови од кои 31 се текстови за претстави од најмала возраст, во моментот е дел од Извршниот комитет на Светската асоцијација на детски театри каде што членува и Бабец театар како единствен македонски детски театар“, велат од Бабец театар.

Утре 07.08.2018 со почеток од 20:00 часот, на истата локација, Нова сцена – НУ Центар за култура, на програмата е претставата „Приказна за тркалото“, чиј автор е Ивица Шимич од Хрватска, уметничкото оформување е на Јулијана Мирчевска, а игра актерот Васко Мавровски.

„Успеавме да склучиме договор за соработка со театарот „Мала сцена“ од Загреб, Хрватска со кој ги добивме авторските права за реализација на две театарски претстави за деца „Приказна за тркалото“ и „Приказна за светлото“ се со цел реализација на долго најавуваниот проект „Театар од пелени“. Претставите се наменети за деца од 1,5 години до 8 години, автор на двете претстави е Ивица Шимич кој во моментот живее и предава драматургија на престижниот универзитет во Хјуан, Кина.
„Приказна за тркалото“ и „Приказна за светлото“ ќе бидат првите и единствени претстави во Македонија за деца помали од 2 години. Со овие две претстави ќе докажеме дека театарот за најмалите не само што е возможен туку е и неопходен. Малите деца не разбираат се во целост, но со сите сетила ја доживуваат убавата слика и зборовите со кои им раскажуваме за светот кој ги опкружува. На овој начин, всадуваме во нив естетски вредности за цел живот, а непосредно и потсвесно им помагаме да го разберат светот околу нив“, додаваат од „Бабец театар“, кој годинава го одбележува својот осми роденден.

Интересот на публиката и за двете театарски претстави е голем. Поради ограничениот капацитет на просторот на кој ќе бидат одиграни двете претстави, иако влезот е слободен, испечатени се бесплатни влезници, кои се резервирани во првите три часа после објавата на информацијата за театарските претстави.

„ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА ДВЕТЕ ПРЕТСТАВИ СЕ РЕЗЕРВИРАНИ!!! Сите вие кои не успеавте да резервирате влезници Ве очекуваме на 1ви СЕПТЕМВРИ за учебната година да ни започне со театар“, порачуваат од Бабец театар – Битола.

GOLD
SN Finansii
To Top