Новости

Театар

Започна 8-то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Оваа година за прв пат во есенски термин од 01.10.2018 до 03.10.2018 година во Битола ќе се одржи осмото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Фестивалот е во организација на „Бабец театар“ од Битола а како проект од програмата на фестивали од национален интерес е поддржан од Министерството за култура на РМ, Општина Битола и Светската асоцијација на детски театри АССИТЕЖ.

Оваа година на фестивалот ќе настапат четири театри од Македонија, Русија, Турција и Франција и театарската школа Бабец.

-„Бабец театар“ и покрај финансиската криза продолжи да создава театарски претстави кои пред се исполнуваат високи естетски, театарски и професионални критериуми, претстави достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои допираат до секое дете и претстави кои засекогаш ќе останат сеќавањата на децата, во периодот помеѓу двете изданија на фестивалот „Бабец театар“ на својата публика им понуди четири премиери, „Јованче и Марика“, „Бременските музиканти“ и го започнавме долго најавуваниот проект „Театар од пелени“ со првите две македонски претстави наменети за деца помали од две години „Патувањето на еден облак“ и „Приказна за тркалото“. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот тука првенствено мислам на нашите актери од Театарската школа Бабец и на сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави. Брендот Бабец театар и Битолино веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата. Токму затоа ова издание на ИДТФ Битолино кое носи една многу јасна и недвосмислена порака, порака која ќе биде мото на деветтата сезона на „Бабец театар“ – Осмели се да бидеш свој –  ќе биде свечено отворено токму со претстава на децата од театарската школа Бабец. Ги покануваме сите љубители на театарот сите деца и сите оние што сеуште сакаат да бидат деца без разлика на возраста да бидат дел од трите фестивалски дена и заедно да го славиме животот и радоста да ги гледаме нашите деца среќни.Логистичка поддршка за фестивалот и оваа година добивме од НУ Центар за култура Битола и Н.У. Народен театар Битола, истакнаа од „Битолино“.

 

 

 

GOLD
To Top