Новости

Театар

Се подготува „Семејни приказни“ во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“

Во театарот „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Семејни приказни“, во режија на Милош Б. Андоновски.

Подготовките ќе се интензивираат по Велигденските празници, а премиерата се планира во месец јуни.

СЕМЕЈНИ ПРИКАЗНИ: 

Автор: Биљана Србљановиќ

Режија: Милош Б. Андоновски

Сценографија: Наташа Вчкова

Костимографија: Марта Дуфне Јосифовска

Играат: Јасмина Мицовска Станкоска, Илија Волчески, Катерина Чакмакоска Клинческа и Димитар Црцороски

Биљана Србљановиќ (1970) е најпознатата и најизведуваната српска драмска авторка, но и една од најпознатите и најизведуваните европски авторки денес: нејзините драми се поставени во околу 50 земји. Нејзиниот текст „Семејни приказни“ е напишан во 1998 година, а неговата актуелност, особено за балканските простори, е несомнена.

Во текстот станува збор за четири деца на возраст меѓу 10 и 12 години кои на едно старо, детско игралиште си играат возрасни. Преку нивните игри на преправање во татко, мајка и дете, избиваат нивните лични семејни приказни, односот со родителите, домашното (не)воспитание, семејното насилство, политичките метастази, како и целиот општествен контекст, воопшто.

Овој текст, само навидум, изгледа наивен. Но, неговата повеќеслојност е она што го претвора во вистински предизвик за работа: возрасни актери играат деца кои, пак, играат возрасни. Границата помеѓу овие три слоја (приватниот од актерите, детскиот и возрасниот) е многу тенка, но е простор за неограничен број на можности, кои во претставата што се подготвува во прилепскиот театар, режисерот Андоновски веќе ги испробува со актерската екипа: Јасмина Мицовска Станкоска, Илија Волчески, Катерина Чакмакоска Клинческа и Димитар Црцороски.

Милош Б. Андоновски (1989) е театарски режисер и професор. Претставата „Семејни приказни“ е неговиот прв професионален ангажман во прилепскиот театар. На прилепската публика, за прв пат, ѝ се има претставено со неговата дипломска претстава „Поблиску“ според текстот на Патрик Марбер, во 2015 година, во офф програмата на фестивалот „Војдан Чернодрински“.

Ги работел претставите „Јас, Селма“ во Младинскиот Културен Центар во Скопје; „Физика на тагата“ според истоимениот роман на Георги Господинов во театарот во Куманово; како и шекспировиот „Хамлет“ во Театарот на Навигатор Цветко во Кино Култура, Скопје.

Сценографијата е на Наташа Вчкова, а костимите на Марта Дуфне Јосифовска.

GOLD
To Top