Новости

Театар

Тарик Филиповиќ на 20-то јубилејно издание на Фестивалот на монодрама во Битола

Овогодинешното јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018, во организација на Центарот за култура Битола, започнува на 11 мај и ќе трае до 15 мај. Веќе се познати учесниците во натпреварувачкиот дел, како и стручното жири, а подготовките за ова издание се веќе при крај.

Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018, ги отвора вратите за љубителите на еден од најтешките жанрови во театарската уметност – монодрамата, со претстави кои годинава доаѓаат од различни делови на светот, прикажувајќи и различни театарски изрази. Годинешни учесници на фестивалот се:

Шовги Гусеинов од Азербејџан, со претставата „Контрабас”
Тјаша Ферме од САД, со претставата „Дивото дете во градот”
Матеуш Новак од Полска, со претставата „Однапред и одназад”
Миxаил Милчев од Бугарија со претставата „Мадам Мишима”
Среќко Марчета од Босна со претставата „Големо е моето срце”
Александер Аладишев од Русија со претставата „Сништата на Хамлет”
Тарик Филиповиќ од Хрватска со претставата „Ќиро Блажевиќ”

Наградата Гран-при на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018 ќе ја додели тричленото интернационално жири под претседателство на режисерот и актер Коле Ангеловски, Нина Мазур – театролог и театарски критичар од Германија и актерката Весна Петрушевска.

Селектор на фестивалот е актерот Петар Мирчевски.

Министерството за култура и годинава е главен поддржувач на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018 година, кој го организира Центарот за култура по 20-ти пат, со помош на Општина Битола.

Евротип
SNBROKER
To Top