Новости

Театар

,,Артуро Уи” – Силноекспресивна и моќна сензација на Битолскиот Народен Театар

,,Артуро Уи” е новото театарско достигнување на ансамблот на НУ Народен театар Битола, политичка пиеса на германскиот драматург Бертолд Брехт во режија на Кендрим Ријани.

Отварајќи прашања за ненаситната потрага по моќ и алчноста, Артуро Уи зборува за самоволието, грабежот, борбата за власт…

Нашите заклучоци поентираат дека несомнено станувало збор за големо вложување на труд од страна на целата екипа во нашиот театар, за кој Ријани, ќе рече: ,,Во Битола просторот за дејствување е навистина огромен бидејќи е еден отворен театар за авангардни театрални форми.”

Впечатливиот сценски дизајн, во себе ја инволвира и поставеноста на актерите кои ни доловија драматични, есенцијални брутални слики, типични за големите светски режисерски имиња. Целиот тој крик на театарското доживување, се дополни со играта на светла, а звучните ефекти и музиката грмеа во салата зголемувајќи ја посакуваната тензичност. Во театарската сала мирисаше на чад и земја која всушност беше фундаментална асоцијација за она претенциозно ,,лошо” кое ни таа земја не може да го сокрие.

,,Лесно е да одиш, лесно е да стоиш, но најтешко е да седнеш! “ – Метафората постојано ја интригираше љубопитноста, која и покрај бројните реплики не би рекле дека доволно не засити, па оној кој не е доволно подготвен да погледне дирекно во очи на уметноста на Брехт, тогаш не би требало да се удостои со место и театарско столче во т. н. простор на замислен ѕид од видикот на штиците што живот значат.

Говорот на актерите, актерската игра и движењата, деловите на намерна гротеска, етидите, пеењето, нивните костими и шминката, ја нагласија доминантноста на она што би го нарекле ,,limitless”, агресивна амбиција до недоглед, за која Кендрим, би објаснил: ,,Го третираме токму таквиот поединец кој незаслужено преку криминал и притисок успева да се искачи на скалата на власта претворајќи се во шизофрен ѕвер кој станува опасен за целото општество.”

Енергијата на екипата за ,,Артуро Уи”, фуриозно ни пренесе атмосвера каде доминираат заплашувањата, корупцијата, алчноста, лицемерието, како и беззаконието и насилствата. И цело тоа доживување пулсираше и одеше од крајност во крајност. Од врвни пискотници, молњи и тресок и ,,терца” , до ,,баритон” и пиплива тишина во која подзинати ја следевме фрапантната трансформација на нашата докажана актерка Валентина Грамосли која ја играше улогата на госпоѓа Догсбари.

Артуро Уи (фиктивниот мафијаш) чиј лик заслужно беше доделен на актерот Иван Јерчиќ, всушност низ алегориски пристап ни го долови грозоморното издигнување на Адолф Хитлер и нацистичката партија во Германија.

Аплауз и големо ,,Браво” од публика до целокупната екипа што стоеше зад овој блескав проект и сите актери кои ги враќавме на бис:

Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Никола Стефанов, Емануел Гири, Хари Михајловски, Валентина Грамосли, Викторија Степановска- Јанкуловска, Никола Пројчевски, Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска, Александар Димитровски, Петар Спировски, Александар Стефановски

Автор: Елена Наумовски Трпковска

Евротип
SNBROKER
To Top