Битолскиот театар го оживеа Нушиќ, а истрагата за ,,Сомнителното лице” е се уште во тек!

По дело на Бранислав Нушиќ, а во режија на Деан Дамјановски, на сцената на Битолскиот театар се случи комедијата ,,СОМНИТЕЛНО ЛИЦЕ”.
Низ современ сатиричен пристап, актуелизирано е прашањето за себичноста, манипулацијата, глупоста, корупцијата, малограѓанштината, па дури и би рекле луцидната потрага по моќ како постулати на еден свет во кој за жал се уште живееме.
Светот пред нас или ние пред светот?! А кој е светот? И кои сме ние да пристапиме пред него?! Постојат ли само добри и лоши ликови или парадоксалноста е што злото, лагата и лакомштилукот за жал се особини кои сите од нас ги имаат по малку.
Живееме во ,,катаклизмично општество”. Нешто што Нушиќ го зачнал како идеја одамна, а денес токму таа приказна „латентно” го заживува својот одраз во огледало.
Што се однесува до нашиот ансамбл на Битолскиот народен театар, ние како перцепиенти и публика, можеме да кажеме дека ја „испивме” претставата во еден здив и нашиот театарски апетит е апсолутно задоволен. Урнебесна комедија и маестрално изградени ликови кои навистина не насмеаја до солзи.
Страшно, извонредно и енергично театарско „лудило” кое никако не посакувавме да заврши. И можеби најчудното е тоа што се смеевме на нашето сопствено алтер его или онаа веќе добро нагласена алчност на оној цитирам: ,,Дистопичен свет во кој шпионирањето и недовербата, како и лицемерството, корупцијата и стравот, се нешто сосема нормално”, како што тоа умешно го долови режисерот Дамјановски. Голем наклон и поздрав низ аплауз со безброј враќања на бис за целата екипа!
Инаку екипата која ја направи вечерта магична, е во следниот состав: Марјан Ѓорѓиевски, Валентина Грамосли, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Филип Мирчевски, Петар Спировски, Борче Ѓаковски, Никола Стефанов, Александар Копања, Александар Стефановски, Васко Мавровски и Сандра Грибовска.
Првата изведба на претставата „Сомнителни лице“ на Бранислав Нушиќ, во Народниот театар во Битола, била во далечната 1947 година, а втората во 1978 година.
Осврт на Елена Наумовски
