Новости

Театар

Битолскиот театар со претставата „History of Mother Fuckers” вечерва на „Охридско лето”

Драмската програма на „Охридско лето” продолжува со претставата „History of Mother Fuckers”, преработка на текст на Вилијам Шекспир во изведба на Битолскиот народен театар.

Режисерот Андраш Урбан за претставата вели дека не е политика, дека претставата се занимава со човекот и неговата заедница.

– Претставата е борба. Хумана борба. Никој не го сака Кориолан. Ниту Шекспировата трагедија, ниту неговиот лик. А тој е вистинит и искрен. Потајно сите се согласуваме со сè што кажува. Но, едно е јасно. Тој не е ние. Тој ни кажува што ние не смееме за себе. Да е дипломат, да умее и да сака да ја користи слатката, нежна лага која е предуслов за демократско општество, ние не би ни зборувале за него. Лагата не е слатка, ниту нежна. Крвава е и безмилосна. Додека, пак, вистината и искреноста сепак се предуслови за вистинска уметност. Дури и кога лажеме, минуваме низ пеколот на искреноста за уметничкиот акт да постане стварност. Барем за онаа уметност за која вреди да се зборува, вели режисерот Урбан.

Според него, низ историјата, постојано се зборува за разни „мадерфакери”, кои биле грди, глупави, лоши, па некако ја „зезнале” работата и не спречиле нас да уживаме во крајно совршеното национално општество на добрина и благосостојба, слобода, сигурност и вечни победнички војни.

– Народот, граѓанството, секогаш е само лик без можност да одговара. Тој нејасен поим како некој апстрахиран октопод никогаш не значи збир на поединци. Како да не е индивидуа оној кој пополнува гласачко ливче, како да не е тој кој го уфрлува ливчето во гласачката кутија, додава режисерот.

Андраш Урбан има поставено над 40 професионални претстави работени со театрите во Суботица, Ниш, Нови Сад, Белград, Сегедин, Битола, Љубљана, Берлин, Клуж, Варна, Марибор, Риека…. Неговите режии и претстави се наградени на бројни меѓународни фестивали во Србија, Хрватска, Унгарија…

Улогите во претставата ги толкуваат Николче Пројчевски, Борче Ѓаковски, Иван Јерчиќ, Соња Михајлова, Сандра Грабовска, Викторија Степановска.

Претставата ќе биде изведена на сцената на Долни Сарај и не е наменета за лица помлади од 18 години.

СН Брокер
To Top