Новости

Театар

Денес прва театарска претстава на затворено во Прилеп

Приватниот театар „Чин 4 Сцена 5“ од Прилеп на 6. Октомври премиерно ќе ја прикаже својата професионална претстава, или што и да е ова, „Да не е галеб?“, работена според драмските текстови „Галеб“ на А.П. Чехов, и „Глупа заебана птица“ на Арон Поснер.

Претставата, или што и да е ова, покрај тоа што е еден вид адаптација на големиот руски класик, претставува и еден „разговор“ со самиот Чехов, еден вид на писмо кон него, за тоа како неговиот „Галеб“ лета и во 21. век, поставувајќи прашања за љубовта, за животот, за театарот, а во исто време се сере на сè што е под него, и нема никакви грижи за светот.

Во претставата играат: Илија Волчески, Јасмина Мицовска Станкоска, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски (актери кои се веќе добро познати на прилепската публика), младите прилепчани Наталија Ристеска и Дарко Карбески, како и гостинката од Пробиштип, Стефанија Митовска. Музиката е на Томе Темелкоски, звучниот дизајн е на Кире Најдоски, додека режисер е Саша Нацевски.

Премиерата на „Да не е галеб?“ ќе се изведе на 6. Октомври во 20 часот, на камерната сцена при НУЦК „Марко Цепенков“, според сите протоколи и препораки за заштита – бројот на гледачи ќе биде ограничен на 35. Наредни репризи претставата ќе има на 13. и 14. октомври, како и он-лајн, на платформата basita.live на 8. Октомври. Претставата е работена со поддршка од Министерството за култура.

GOLD
To Top