Новости

Театар

„Патувачкиот театар Шопаловиќ“, нова премиера на битолскиот театар

Народниот театар Битола ја најави својата шеста премиера за годинава, „Патувачкиот театар Шопаловиќ“ по текст од Љубомир Симовиќ, во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Претпремиерата ќе се одржи на 24 декември во 19 часот, додека премиерата е закажана за 25-ти декември во 20 часот.

Ѓорѓиевски рече дека последните две години почувствуваа што значи тој насушен леб од култура, а сега секој културен настан предизвикува посебна радост и задоволство.Ова е втор текст од Симовиќ на кој работи, претходниот беше „Хасанагиница“ во 2004 година, а како што вели работата врз овој автор е посебно задоволство бидејќи тој е ненаметлив автор кој на суптилен начин продира во сржта на општествениот и политичкиот живот.

„Зошто овој текст? На некој начин се занимава со суштината на она што значи театар, се занимава со прашањето што е театар, дали ни е потребен, колку ни е потребен, каде е границата помеѓу театарот и реалниот живот, колку театарот влијае врз реалноста и реалноста врз театарот, на кој начин се меша и дали има време кога е време за театар и време кога не е време да се игра театар“, вели режисерот Ѓоргиевски.

Актерот Петар Мирчевски, го игра ликот на Василије Шопаловиќ, водачот на трупата на патувачкиот театар, кој се спротиставува на сите политички превирања, што може да се спореди со она што се случува денес, а на некој начин тие се спротивставуваат на се што се случува околу нас.

Директорот на НТБ, Иван Јерчиќ, годинава ја оцени како успешна, година во која колку толку успеаја да го вратат театарот во нормала. Иако имаа план за уште една премиера годинава, заради сплет на околности, таа нема да случи годинава, ја најавија за почетокот на 2022 година.

Во „Патувачки театар Шопаловиќ“ ќе настапат актерите Петар Мирчевски, Елена Моше, Маја Андоновска Илијевски, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Соња Ошавкова, Николче Пројчевски, Живко Борисовски, Катерина Аневска Дранговска и Хари Михајловски.

Евротип
Евротип
To Top