Новости

Театар

Претставата ,,Демони” – Анти – бајка за суровата страна на љубовта

,,Демони” во режија на Васил Христов, со текст на Ларс Норен, неодамна беше одиграна и на Охридско лето како еден автентичен проект на нашиот Битолски народен театар. Интригантниот и уникатен драмски подвиг, ни раскажа приказна која следи два млади брачни парови кои живеат во иста зграда и се борат со своите сопствени демони. Животите им се испреплетуваат, ги откриваат своите тајни, двобои, го опустошуваат молкот и ја експонираат омразата наспроти љубовта.

Она што нам ни стана интересно, е моментот кога ги поврзавме нештата и започнавме да ја одврзуваме оваа ,,плетка”: Времето во кое пишувал шведскиот драмски автор Ларс Норен (1982), се поистоветува и со денешницата, па трендот или таа некаква пасионизираност на внатрешното зло што ја гризи човечката душа, можеби на Норен и на светот,  ,,неопходно” им продолжува и денес.

Како публика, често пати,,бевме” огледало, често пати бевме целиот тој град кој се гледа пред себе си штом се качуваш на ивица и ,,сакаш” да ставиш крај на овој живот, но често сведочевме и на премислувањето од тој чин на безизлезно откажување. Ние, всушност бевме прозорците на целата таа наводна интимност затоа што еноставно е… Прозорецот има две страни. Гледа внатре, а гледа и надвор. А демоните не беа само таму во т. н. сценски ентериер, туку беа и надвор од тој,, камерен” простор, во суровиот ,,егзорцизам” на душата на ликовите и демоните што сите ги носиме.

Но, токму тоа и веруваме дека беше намерата на Христов, препознавање и поистоветување со хаосот. Драмата е составен дел од животот и животот е убав се дури не се случи некаква кочница што ќе ја надмине пријатноста, а од тука почнуваат да зборуваат демоните.

Актерите Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Марија Стефановска и Здравко Стојмиров, успешно
ни ја пренесија и ,, разголија” емоцијата од оваа автентична, современа анти – бајка што преку дијалогот на црната комедија, ја нагласуваа луцидната експресија.

Се чувствуваше градација во секој нареден момент за на крај домашното насилство, длабоките човечки односи, емотивноста, траумите, загубите и… ЉУБОВТА да кулминира со убиство и… зборови кои финишираа во демонски пресврт:,,Со текот на годините јас не те сакав исто, те сакав само повеќе!”

,,Демони” – Анти – бајка за суровата страна на љубовта и присуството на ѓаволите во нас што долго ќе се чува.

 

Автор: Елена Трпковска Наумовски

Евротип
SNBROKER
To Top