Новости

Театар

,,Само глас” – Музичка и театарска емотивна апокалипса што се случи на отварањето на Фестивалот на монодрама во Битола

Преку зборовите на првенецот на МНТ, актерката Звездана Ангеловска, на отварањето на Интернационалниот фестивал на монодрама, доживеавме емотивна апокалипса. Преку еден современ театар, Маријан Неќак, режисерот и композиторот на претставата, погледнавме една нова тенденција каде театарот и музиката се спојуваат во едно. Притоа музиката не е само помошник кон поврзување на сцените или дооформување на она што треба да се доживее преку градација, туку е рамо до рамо или рамноправен елемент со чинителите на она што го гледавме на сцената. Имено, според режисерот, стануваше збор за осамена приказна што можеби му се случила или ќе му се случи секому.

Некаде ПОМЕЃУ шармот на театарот, и истоименото мото на Интернационалниот фестивал на моднодрамата: ПОМЕЃУ, гласовите ни отворија пандорина кутија во која се кријат одговорите на самотијата и цел оној притисок што го носи денешницата. Дури и невротичноста на ликот, беше во допир со душата на оние кои со подзинати усти ја гледаа „Само глас“. Оттуѓеноста, латентното насилство, хиперсензитивноста и цела онаа агонија што може да му се препише на суперлативите на незадоволства со кои многу пати се соочува нашиот ум.

„Треба да… Треба да се исчисти, испегла, да се полеат цвеќињата, треба да се измијат садовите, да се исперат алишта… треба да! Треба!“ – Секогаш е треба. Но, понекогаш една тажна жена, не гледа никаква смисла во „нормалното“ секојдневие. Во тие мигови на депресија, можеби до некаде си ветуваме дека ќе се поправиме, но тогаш за тогаш, не успеваме да видиме логика во цел тој рутински процес на поминување на секој ден кој апсолутно ни изгледа еднолично. Каде е тогаш среќата и кој ги пишува правилата за тоа „нормално“? Што е всушност нормално?

Понекогаш намерно ја испревртуваме сликата и реципрочно го гледаме животот од зад рамките на нашето огледало. Истото му се случи и на ликот на безимената популарна актерка која имала се, до моментот кога Тој ја остава сама. Маестралната Ангеловска, како да имплементира необновлива тага кај перцепиентот, штом се разочарува од нејзиниот партнер кому му помогнала да стане совршенство, фантастично добар балетан, згоден господин кој на крај со истиот префинет чекор кој таа го создала, ја напушта.

Меланхолија, како што кажав, депресија и тешкото дишење под дебелото ќебе во креветот беше првиот контакт со она што понатаму не очекуваше. Расфрлана облека, книги, голем кревет и носталгија кон она што сме биле или сме сакале да бидеме, но никако не можеме, беше сцената која ја опишува токму таа пригушена и тешка атмосфера што дополнително ја истакна улогата на амбиенталното светло и снобот светлина кој ја следеше актерката.

,,Преку твоите очи, светот ми мирисаше на чисти алишта и полско цвеќе! ” – вели ликот на Ангеловска која суптилно но поставува уште едно прашање:,, Може ли љубовта да се креира? Постои ли навистина романтична приказна или се е во нашата глава? Го креираме она што го сакаме или треба да уживаме во она што го имаме?!

– Кој го сакаше тој? Јас можев да бидам се и мајка и жена и дете… ” – потенцира една од репликите.

„Само глас“ е свеж, објективен и искрен пристап или демаскирање на она што го крие нашето потсвесно зло кое води кон самоуништување.

,,Сите зборуваме на различни јазици и бродот е толку голем што што ретко се сретнуваме!” – вели гласот на дојенот во театарската уметност Никола Ристановски кој ја дополнува оваа приказна. Користејќи го токму гласот како впрочем најстариот човечки инструмент, двајцата актери комуницираа со бестелесен контакт и реална слика од себе си.

Нивниот разговор, всушност полека ни објасни дека станува ново средство за комуникација и нов живот за ликот кон кој се фокусира делото, кој преку истото ги раскажуваше своите трауми од детството, стремежот кон совршенството кое на крај завршува неславно за партнерот кон кој таа се „одмаздува“, балетанот кој го играше Мирослав Митрашиновиќ.

„Почнав да се облекувам во туѓа кожа! Никогаш не престанав! Јас го емитирав тоа совршено дете во кое моите родители ги втиснаа своите стравови, комплекси, препукнувања, за само еден миг во тишината кога требаше да го уловам нивниот поглед кој требаше да значи : „Добра си таква каква што си! Ти заслужуваш љубов!“

Низ истите трауми, всушност текстот на младата српска авторка Нина Плавањац, зборува за стереотипот на можеби балканското навидум блескаво семејство во кое таткото е секогаш оној кој верува дека љубовта е во префинетоста, убавите зборови, грандиозните гестови, бакнежи како од холивудски филм, заводливи насмевки… А мајката, женската силуета на конзервативното клише кое никако да се промени, верува дека љубовта е трпење, простување, жртвување. „Таа сакаше со поднаведната глава, тој повеќе го сакаше мигот, отколку човекот со кој што го делеше истиот!“

„Тоа е претстава за уметноста односно за човекот кој што пропаднал во уметноста и едноставно станал неинтeресен. На истиот начин се случуваат и потонуваат тие бродови и во приватниот живот“ вели Неќак за претставата. Апро по, гласот, кој наводно живее на брод, би додал: „На брoдот, ноќта и денот, ги менуваат местата, се додека веќе не знаеш каде се наоѓаш!“

Вокалните интерпретации, доминантното место на музичката композиција, ја следеа динамиката на претставата која кулминира во громогласен аплауз каде актерите ги враќавме на бис и нескромно посакувавме уште.

Автор: Елена Наумовски Трпковска

Евротип
SNBROKER
To Top