Новости

Театар

Со „Луди за љубов“ ќе биде затворено 22-то издание на Фестивалот на монодрама Битола

На затворањето на годинешното издание на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола, кое ќе биде во недела, на 27 јуни, публиката ќе има можност да ја погледне „Луди за љубов“ од Сем Шепард во режија Јован Ристовски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андреј Папаз Горѓиевски. графички дизајн (Дизајн плакат), светло Игор Мицевски. Играат: Меј – Илина Чоревска, Еди – Хари Михајловски, Старецот – Борис Чоревски, Мартин – Валентино Апостоловски, ЛУДИ, по мотиви на Луди за Љубов од Сем Шепард.

“Луди за љубов” на американскиот драмски писател и актер Сем Шепард е драмски текст кој зборува за идентитетот. Античкиот код во текстот – инспирација за креирање „Лудите“ во приказната се среќаваат во уништениот мотел во пустината Мојаве, Калифорнија. Меј, женскиот карактер, која долго време живее во таа запуштена провинциска средина. Циклично и се случуваат средби со машкиот карактер Еди, кои се секогаш деструктивни за двата карактери. Ликот на Старецот кој секогаш е присутен во текот на драмското дејствие, е всушност нивниот заеднички татко. Со тие околности, авторот ја акцентира инцестуозноста во љубовната приказна. Дејствието се случува во еден единствен затворен простор, во собата во мотелот. Времето е линеарно, случувајќи се во една ноќ, односно неколку часа. Сите овие драмски елементи се идентични на античката трагедија, кои Шепард умешно ги вметнува во приказната, отварајќи ги на современ начин истите антички прашања за човековата трагедија и неговото постоење.

Оваа претстава ќе зборува за кризата на идентитетот, безкомпромисна вклучувајќи ги заедно младите и старите генерации. Со еден збор ВРИСОК. Метафорички, Врисокот, како режисерот во претставата го толкува со идеја за некомпромисна и нецензурирана критика кон општеството, кон околината во која и со која живееме, со цел за будење на самокритичноста кај граѓаните.

Претставата ќе се случува во голем бел простор – во кој преовладуваат масивни ѕидови, кои во суштина ќе бидат алегорија на Боговите, алегорија на родителот, на силата, на моќта, на општеството, на нас – луѓето. Ова просторно – сценографско решение ќе биде од суштинско значење со кое ќе се развива дијалогот помеѓу актерот / актерите и ѕидовите. Естетиката на претставата ќе биде минимализам и симболизам, кој ќе се однесува на драматургијата на светлото, на костимографијата, сценографијата, актерскиот израз и во методологијата на работа со актерите. Актерскиот израз ќе биде симбиоза на натурализам и театарски експресионизам. Исто така, ќе има сцени во кои дејствието и актерскиот израз ќе биде документаристички, личен.

Евротип
SNBROKER
To Top