Новости

Театар

„Стјуардеси“ – Блескава театарска сензација и смеење до солзи со единствените „Солза и смеа“

Вчера вечер во Народниот Театар – Битола, по втор пат беше изиграна „Стјуардеси“ – блескава сензација, претстава на театарот „Солза и смеа“, кој после подолга пауза се враќа на сцената.

„Стјуардеси“ со оригиналниот наслов „Боинг боинг“ од Марк Камолети е класичен водвиљ, комедија на ситуации, чие дејствие режисерот Александар Димитровски успеа да го смести токму во нашата земја, во овој презент.

Приказната се случува во Скопје во домот на прилепчанецот Дејан во улога на Столе Јанкоски кој се наоѓа во љубовен теснец помеѓу три жени, стјуардеси од различни конкурентни авиокомпании: Биле во улога на Теона Петровска, Беба – Ангела Дуковска и Берта – Ангела Цветковска за кои гласно би изјавиле дека се новите талентирани актерки над штиците што живот значат.

Имајќи ја формулата за совршен полигамен живот, Јанкоски феноменално го одигра и ни го претстави Дејан кој има своја куќна помошничка, веројатно неговата десна рака Џева, која ни ја претсави  маестралната Валентина Кожовска што го носеше дејствието до урнебесна смеа која ечеше низ салата, а да не зборуваме и за останатите ликови кои навистина успешно ни подготвија една т.н. љубовна урнебесна пикантерија.

Димитровски пак, го играше ликот на пријателот на наводниот голем заводник, Најдо како една од носечките улоги, следејќи го и поддржувајќи го концептот на умешно сокривање на неверствата на Дејан. Докажаниот актер ја донесе комедијата до кулминациона точка чиј уникатен хумор би рекле дека навистина е она делче од целосниот театарски мозаик.

Актерската игра, уште еднаш го покажа тој крик на беспрекорни сценски движења, гестикулации, поставеност, маркантност и она што е најкарактеристично за овој театар: Енергичност и луксуз да бидеш дел од тој рингишпил, темпо кое нам како перцепиенти ни го „крадеше“ пулсот, воздигнуваше адреналинот, неизвесноста, вниманието и потрагата по уште и уште.

Во минималистички стил, во експонирана црвена боја, сценографијата како да не слеа со приказната, а костимографијата како и секогаш беше карактеристична за автентичноста на екипата.

„Солза и смеа“ и недостигаше на публиката која по громогласниот аплауз ги награди актерите, враќајќи ги на бис. Ова се тешки времиња во кои насмевката веќе како да ја заборавивме, а овој театар уште еднаш ни докажа дека секогаш можеме да се исправиме и да внесеме позитива, насмевка и енергичен ролеркостер кој мора да го гледате.

Автор: Елена Трпковска Наумовски

Евротип
SNBROKER
To Top