Новости

Театар

Театарот „Солза и смеа“ слави 25 години од своето постоење

Со громогласен аплауз денес им го честитаме роденденот на театарот „Солза и смеа“ кој денес го слави својот 25ти роденден. Низ плејада од претстави, на ова место поминале големи актерски имиња.

„Солза и смеа е чудесно место, парче од душата на соништата на една младост!“ – вели еден од членовите кој играл во овој театар. Низ нивните урнебесни комедии, тие остваруваат 90 премиери, над 700 телевизиски скечеви, 2 играни филмови, а во моментот го гледавме и нивното најново остварување, серијата „Непријател“ која навистина ја освои публиката и доби безброј позитивни критики.

Што се однесува до историјата, „Солза и смеа“ е основана на 7 февруари во 1996 година, а зад неа стојат основачите: Александар Димитровски, Дејан Пројковски и Зоран Талевски. Нивната прва претстава одиграна на штиците што живот значат, е „Лонг Плеј“ на Горан Стефановски.

„Никој не претпоставуваше дека театарот ќе стигне до овде. Се започна од една мала приказна на млади ентузијасти, но низ годините членовите станаа се побројни, со се поголеми соништа, аспирации, креативци. И сите го имаа она нешто кое ние си го нарекуваме „фитиљот“. За да поминеш низ оваа приказна, треба да знаеш што значи љубов кон театарот, но пред се, љубов кон публиката. Темпо, акција, енергија! Ние дишевме заедно со нашата публика, па без неа не би било ништо. Дишевме и сеуште ќе ги исполнуваме нејзините барања, па во овие, за жал тешки времиња, само за нив, ќе бидеме ведрата страна на реалноста.“

Театарот до сега ги доживеал своите премиери, па ги задоволил аспирациите на публиката не само во нашата земја, туку и низ многуте турнеи и гостувања како во Австралија која членовите ја посетиле три пати, Америка – два пати, гостувањата во Швајцарија, Канада и бројните успеси во Бугарија каде и театарот има освоено бројни признанија меѓу кои за претставата „Рибарски караница“, која беше наградена за најдобра претстава. Заслужените награди и успеси се редеа на овој театар. Се уште стојат многу идеи и нови изненадувања, урнебесни комедии, скечеви и филмски остварувања кои членовите ни ги ветуваат за блиска иднина.

Во продолжение, Валентина Кожовска, на својот фејсбук профил, сподели емотивен статус, со кој му го честита роденденот на овој театар, кој ќе продолжи со својата работа, да не воодушевува и се разбира, да не смее до солзи.

 

GOLD
To Top