Новости

Театар

23 Издание на Интернационалниот фестивал на монодрама – Битола подготвена за моноспектакл

Од 14 до 21 Мај, Битола ќе го слави 23 издание на Интернационалниот фестивал на монодрама. Театарскиот моноспектакл кој од своја страна носи поинаква потрага по изгубениот триаголник „актер – сцена – публика“, на сцената ќе пречека и испрати актери од 11 земји.

Од Центарот за култура, известуваат дека имале над 70 апликации, само 11 од Хрватска. „Многу внимателно ги селектиравме оние кои ќе гостуваат на фестивалот токму поради мотото „помеѓу“ кое треба да зборува за тоа што се случуваше изминатите години пред короната и сега кога конечно работите олабавуваат.“ – истакна Маја Андоновска Илиевски директор на НУ Центар за култура – Битола.

„Помеѓу јавето и сонот…Помеѓу спокојот и неспокојот… Помеѓу животот и театарот… Помеѓу минатото и иднината…Помеѓу љубовта и омразата… Помеѓу светлината и мракот… Помеѓу старото и новото… Помеѓу нормалното и „ненормалното“

Она помеѓу каде што сме заглавени, Ни угоре ни удолу, А сепак таму ПОМЕЃУ, повторно силно свети театарската душа како рефлектор на актерската емоција, таму помеѓу повторно се раѓа магијата на театарот. “

„Минатата година имавме македонски фестивал затоа што границите ни беа сеуште затворени. Конечно после специфичната ситуација на театарот во светот, оваа година ќе се случува фестивал во кој ќе пропатуваат гости од целиот свет.“ Во програмата се најавуваат две македонски монодрами, две хрватски монодрами, а фестивалот ќе ги отвори вратите за гостите од Шпанија, Полска, Велика Британија, Ереван Ерменија, Молдавија, Израел, Бугарија, Романија, Азарбејџан. “

Селектор на фестивалот е реномираниот актер од битолскиот театар Петар Мирчевски, а како жири комисија оваа година се потпишуваат: Владимир Милчин, Бедија Беговска и Саше Димовски, еден актер, еден режисер, еден драматург.

„Учеството на многу земји од светот е на завидно ниво и би напоменал дека фестивалот е жанровски различен, така да од една кабаретска основа има сатирични текстови, текстови од познати автори како што се Вирџинија Вулф и Гогољ „Дневникот на лудиот“. – потенцира Мирчевски алудирајќи на тоа дека апетитите на театарската публика ќе бидат во потполност задоволени. Селекторот како и Андоновска воедно ја истакнаа и работата на Љупка Коларова Пајевиќ, стручен соработник и најзаслужна во поглед на организацијата за фестивалот на монодрама.

Она што ќе ја освежи програмата на овогодинешниот интернационлен фестивал, ќе се случува токму на нашиот Широк Сокак на кој ќе бидат поставени актери – статуи кои се дел од „Статуафест“, фестивал кој секоја година се одржува во Скопје. „Т.н. статуи ќе бидат поставени на три различни локации на Широк Сокак, од кои последната ќе биде пред кафе бар Јагода, официјален кафе бар на фестивалот каде гостите ќе се дружат заедно со публиката. Меѓу другото, секојдневно ќе има битолски диџеј, па со тоа, вели Андоновска, ќе дадеме поддршка и за битолската сцена.“ На тие места, публиката ќе биде во можност да се информира за фестивалот, да земе флаери и да се запознае со програмата на истиот.

Имено фестивалот ќе се отвори со македонска монодрама „Само глас“ на МНТ од Скопје, чиј автор е Нина Плавањац, режисер е Маријан Неќак, а актер е Ѕведана Ангеловска.

Фестивалот ќе се затвори во чест на наградените со претстава, а тоа ќе биде гостување на драмскиот театар Скопје со претставата „Странци“во режија на Нела Витошевиќ.

Наградите ќе ги доделува жири комисијата: Награда за најдобар актер, награда за најдобра режија и Гран При на фестивалот, а Општина Битола е покровител на наградите од публика.

Инаку зад ова 23 идание на Интернационалниот Фестивал на монодрама се потпишува и Општина Битола, Кромберг и Шуберт како спонзор и секако неминовната поддршка на Битолскиот Театар. ПР на фестивалот е Љубица Ангелкова, Дизајнот го изработи Ангела Христовска, а видеото за фестивалот го изработи Гоце Веселиновски.

Имавме навистина тешки години поради пандемијата, но сега Центарот за култура и Народниот Театар од Битола како дел од сцената, ги отвараат ширум своите врати за нови театарски доживувања.

Евротип
SNBROKER
To Top