Новости

Спорт

УЕФА ги откажа елитните квалификации за фудбалери до 19 години

УЕФА официјално соопшти дека ја откажува Елитната рунда квалификации за Европско првенство за фудбалери до 19 години, како и финалната фаза кои беа закажани за ноември 2020 и март 2021 година.
Одлуката на Извршниот комитет на УЕФА значи дека македонската репрезентација до 19 години (генерација 2001) нема да учествува во Елитната рунда на натпревари и нема да добие шанса да се бори за место на Европското првенство во конкуренција на Шпанија, Белгија и Бугарија.
Причината за откажувањето на турнирите е епидемиолошката состојба во Европа и големите проблеми при патувањата на репрезентациите. Со оглед на тоа дека ЕП до 19 години е квалификациско за Светскиот шампионат на ФИФА за играчи до 20 години, (Индонезија 20. мај до 12. јуни 2021), УЕФА соопшти дека е одлучено петте места резервирани за европски тимови на ова СП да се доделат на селекциите кои ги заземаат првите пет позиции во рангирањето според коефициентот од квалификациите за сезоната 2019/20. Тоа се селекциите на: Англија, Франција, Италија, Холандија и Португалија.

GOLD
To Top