Новости

Фудбал

Јуве со втора победа над Монако обезбеди финале на ЛШ

Фудбалерите на Јувентус се пласираа во финалето, во Лигата на шампионите, откако во двомечот го елиминираа Монако. Победата од 2:0 на првиот меч, Јувентус ја потврди со триумфот 2:1 на домашен терен.

Јувентус на 3.мај во Кардиф, ќе го игра своето деветто финале во Лигата на шампионите и ќе се обиде да ја освои третата титула. Противник во завршниот натпревар на италијанскиот првак ќе му биде тим од Мадрид, а поблиску до финалето е Реал кој по првиот меч има предност 3:0 во однос на Атлетико.

Субашиќ два пати капитулираше во последните 12 минути од првото полувреме. По серијата нереализирани напади, Дани Алвеш во 33.минута испрати идеална топка за Манџукиќ, неговиот прв удар го одбрани Субашиќ, но во вториот напаѓачот на Јувентус го совлада својот сонародник.

На истекот на првиот дел, Субашиќ боксуваше една топка, дефанзивците на Монако беа статични, а на одбиената топка налета Дани Алвеш и ја смести зад грбот на хрватскиот голман.

Монако и покрај елиминацијата не се предаде и во вториот дел успеа да го постигне почесниот гол. Мбапе постигна гол и ја прекина низата на Буфон, кој претходно не беше совладан 520 минути.

Јувентус го прими првиот гол во нокаут фазата оваа сезона, а Мбапе стана најмладиот стрелец во едно полуфинале во ЛШ (18 години и 140 дена).

Евротип
SNBROKER
To Top