Новости

Фудбал

Бомба од Бразил: Нејмар се враќа во Барса за 100 милиони евра

Добро упатениот бразилски весник Globo Esporte синоќа објави ексклузивна вест дека Нејмар летово ќе се врати во Барселона, само две години откако со рекорден трансфер замина во француски ПСЖ.

Globo Esporte се повикува на извори во двата клуба кои тврдат дека преговорите траат веќе подолго време и дека се очекува Нејмар да се врати во Барса за неколку недели.

Според бразилскиот весник, во преговорите од страната на Барселона учествува директно претседателот Жозеп Марија Бартомеу кој одлучи да го продаде Бразилецот летото во 2017 година за рекордни 222 милиони евра.

Но, Нејмар во ПСЖ не ги исполни клупските амбиции, ниту пак клубот неговите, па играчот размислува да замине од Париз.

Дека сите негови соиграчи може да се најдат на излезна врата потврди и сопственикот на ПСЖ Насер ал Келаифи кој во интервју за France Football рече дека му е „преку глава од однесувањето на некои играчи“. Ал Келаифи не го спомна Нејмар конкретно, но рече дека клубот ќе го продаде ако добие „дебела понуда“ за него.

„Играчите мора да станат посвесни за своите одговорности. Нештата целосно ќе се сменат. Играчите ќе мора повеќе да работат, повеќе да се трудат, а ако на некого не му се допаѓа тоа, вратата му е отворена. Чао! Мора да знаат дека не се дојдени тука да се зезаат, туку сериозно да работат, нема веќе никакви ѕвезди!“, одлучно рече Ал Келаифи за француски L’Equipe.

Тој потврди дека никој не го присилил Нејмар да потпише за клубот.

„Сакам играчи кои се подготвени да дадат сѐ што можат за да ја бранат честа на дресот и кои имаат волја да се приклучат на клупскиот проект. Оние кои не сакаат, или не разбираат, ќе се сретнеме со нив и ќе разговараме за тоа. Секако дека постојат договори што мора да се почитуваат, но сега приоритет е вкупниот број на членови во проектот. Никој не го присили да дојде и да потпише, никој не го поттурнуваше. Дојде свесно да се приклучи на проектот“, рече Ал Келаифи.

Според бразилски Globo Esporte, Барселона ќе плати 100 милиони евра, а во трансферот ќе вклучи и неколку играчи во договор со Самуел Умтити, Усман Дембеле и Иван Ракитиќ. Можно е трансферот да ги вклучи нив тројца, плус отштета, се наведува во текстот.

GOLD
To Top