Новости

Фудбал

ВИДЕО: Бил далеку од копно: Позната е точната локација каде што е најден авионот на Сала

Приватната потрага по исчезнатиот авион на аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала даде резултати утринава, кога леталото беше најдено на дното од Ла Манш, канал кој ги спојува Северното море и Атлантскиот океан.

Истрагата предводена од Дејвид Мернс, специјалист за истражување на морско дно, утринава во осум часот, на радарот пронашла нешто што наликува на авионот со кој се превезуваше Сала, а веднаш потоа стигна и официјалната потврда.

Би-би-си јави дека авионот бил пронајде на 44 километри од најблиското копно – островот Гернзи. Насоката на истрагата претходно беше кон француското крајбрежје каде што на плажата во Суртанбил, беше пронајдено перниче, за кое се сметаше дека било дел од авионот.

Дејвид Мернс, човекот кој беше платен од страна на семејството на Сала да ја истражува областа, откако државата крена раце дека ќе го најде авионот, изјави дека тие го лоцирале авионот денеска рано наутро, но дека не пристапиле кон вадењето на трупот на авионот, туку тоа го оставиле на државните институции.

-„Леталото го најдовме рано утринава и веднаш потоа им јавивме на властите за тие да дојдат и да продолжат со подигање на трупот на авионот. Од нив очекувајте изјава утре наутро. Повеќе не би говорел поради почит кон семејствата на исчезнатите“, рече Мернс, отфрлувајќи ги сите шпекулации за тоа дали Сала и пилотот биле во авионот.

Авионот „Пајпер Малибу“ исчезна на 22 јануари на пат од Нант кон Кардиф, каде што требаше да настапува аргентинскиот фудбалер, по што почна потрага по нив, но првата потрага не даде резултати, по што беше прекината. Веднаш потоа семејството собра 300.000 евра за да почне своја приватна истрага.

 

GOLD
To Top