Новости

Фудбал

Лесен триумф на Македонија над аматерите од Гибралтар

Македонската фудбалска репрезентација победнички стартуваше во Лигата на нации, откако вечерва очекувано и лесно го запиша првиот триумф на гостувањето во Гибралтар со 2-0, во пресметката против тоталниот аутсајдер во групата 4 во Д-дивизијата, кој против црвено-жолтите не успеа ниту еднаш да шутне во рамката од голот на Столе Димитриевски.

Македонија за 16 минути во средината на првото полувреме си ја заврши работата за да стигне до победата на вечерашниот меч, прво со гол на Иван Тричковски во 19. на асистенција на Стефан Ристовски, а потоа и со погодокот на Езгјан Алиоски во 35. по корнерот на Тричковски. Брзите два гола на избраниците на Игор Ангеловски им овозможија комоција на македонските фудбалери, кои потоа рутински го доработија мечот, иако имаа можност уште во првиот дел да ја наполнат мрежата на противникот.

Голманот на Гибралтар, Голдвин одбрани два удари, на Енис Барди и на Стефан Спировски, кои беа најзрелите други две шанси во првиот дел. Македонија одигра меч со половина сили, а на теренот очигледна беше разликата во квалитетот, со речиси 70 отсто посед на топка, со 13 обиди, од кои пет во рамките на голот. За разлика од црвено-жолтите, Гибралтар едвај двапати се обиде да шутне (еден опасен удар над пречката), но во првите 15 минути од мечот покажа заби со три корнери по ред, ставајќи го Димитриевски на маки во тој период во кој црвено-жолтите се прилагодуваа на теренот на вештачка трева на стадионот „Викторија“.

Македонија по првата рунда во Лигата на нации е првопласирана со 3 бода и со подобра гол-разлика од Ерменија, која со 2-1 и со многу маки го победи Лихтенштајн, кој заедно со Гибралтар се без бодови по ова коло.

Црвено-жолтите в недела попладне од 18 часот го играат првото дерби во групата против Ерменија на Националната Арена „Филип Втори“.

GOLD
To Top