Новости

Фудбал

Победа ги започна подготовките за пролетната полусезона

„Од Вас барам максимална дисциплина. Сите ќе добиете шанса. Но само од Вас зависи кој и како ќе ја искористи дадената шанса“.

Со овие зборови Шефот на Стручниот штаб Јане Николоски на првиот собир во 2019 година ги дочека фудбалерите на Победа. На првата прозивка со која беше означен стартот на пролетниот дел на првенството во Првата лига  се појавија дел од играчите кои го носеа дресот на клубот во есенската полусезона.

Јане Николоски го образложи планот на подготовките на екипата и плановите врзани за играчкиот кадар во преодниот рок во кој досега ангажирани се повратникот во клубот Александар Ристевски и Благоја Љамчевски:

-Денес со првиот тренинг стартуваме. Од утре продолжуваме со засилено темпо со по 2 тренинзи дневно. Така ќе биде до 24 јануари кога ќе заминеме за Дојран во комлексот Истатов каде ќе ја сработиме втората фаза од подготовките и каде ќе одиграме неколку пријателски натпревари во кои ќе ја тестираме формата.

Што се однесува до плановите за преодниот рок Николоски најави дека ќе има уште нови лица:

-Ристевски и Љамчевски сигурно нема да бидат единствените засилувања. Ни треба уште еден квалитетен играч од средината на теренот кој ќе направи разлика и можеби уште еден напаѓач. Но останува да видиме како ќе се одвиваат работите. Нема да брзаме затоа што има слободни и играчи кои се нудат, се со цел да донесеме квалитетни засилувања-играчи кои ќе го дигнат нивото на играта.  
Пласманот на дното на прволигашката табела ги диктира амбициите и приоритетите на прилепскиот тим: 

 -Примарна цел е опстанокот. Пласманот во полуфиналето на Купот е голем успех и мотив за сите. Но не треба да заборавиме дека на полусезона сме на делба на последното место и во ситуација која не е ни малку наивна. Затоа велам дека опстанокот е приоритет, а доколку успееме да стигнеме  до финалето и до пехарот во Купот тоа би било екстра за нас. Во ситуација кога најавите од Општината и од ФФМ велат дека се очекува почетокот на работите на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ уште позначаен би бил опстанокот со цел наредната сезона Победа во Прва лига да игра на својот стадион.

Од играчите кои настапуваа есеноска во преодниот рок Победа ја напуштија:Нвабуезе, Маркоски, Драгарски, Мустафов, Манчевски, Исаевски, Велковски и Шопоски. Покрај стандардните првотимци на подготовките приклучени се и повеќе младинци, а за сите од утре тренажниот процес ќе опфаќа по два тренинзи дневно-претпладне во сала а попладне на терен.

 Според календарот на ФФМ пролетната полусезона во Првата лига ќе започне на 17-тти февруари, кога во 1-то пролетно –редовно 20 коло Победа ќе ја пречека Беласица.

 

GOLD
To Top